Тајни документи откриваат: Клинтон бил спремен да ги „почести“ со отцепување босанските Срби после геноцидот во Сребреница


Кој ќе тепа на Ел Класико!? ↓↓↓


Бившиот прв човек на САД, Бил Клинтон, чекајќи реизбор на најмоќната претседателска функција на светот, во 1995 година ја повикал босанската муслиманска влада да направи територијални отстапки, откриваат документи од кои е тргната ознаката на тајност, пренесе Гардијан.

Документите од 1995 година, кои зборуваат за настаните во БиХ за време на војната што траеше три години, ги објави претседателската библиотека.

Декласифицираните документи од тој период и интервјуата со некои од протагонистите ја покажуваат решеноста на Бил Клинтон и на неговиот надворешнополитички тим по секоја цена да најдат решение за тригодишниот конфликт пред да почне неговата сериозна претседателска кампања во 1996 година – дури и ако тоа значело наградување на водачите на босанските Срби за нивната политика на етничко чистење дарувајќи им остварување на нивната цел – отцепување, вели Гардијан.

Од записниците од телефонските разговори на Клинтон со светските лидери се гледа дека тој повторувал дека е разочаран што силите на босанските муслимани не успеале да ја сочуваат Сребреница. Во меѓувреме, неговиот советник за национална безбедност, Ентони Лејк, станал главен оперативец за спроведување тајниот план за прекинување на војната во Босна.

Спроведувањето на планот на Клинтон почнало неколку недели пред падот на Сребреница и содржело постигнување мировен договор што ќе ја подели Босна на два приближно еднакви ентитети. Федерацијата на муслиманите и Хрватите требало да добие нешто помалку од половина од државата, додека Американците би размислиле да извршат притисок врз муслиманската страна да прифати Србите во Босна во рок од две до три години по завршувањето на војната да одржат референдум за отцепување од БиХ.

Во случај тоа да пропадне, планот бил да се повлечат мировните сили на ООН, да се прекине ембаргото за испорака на оружје во БиХ и да им се даде воздушна поддршка на муслиманско-хрватските сили во борбата против Србите. Планот на Клинтон предвидувал прво да се одржат разговори помеѓу американската администрација и претставниците на Сараево, за да ги убедат на отстапки по падот на Сребреница, што вклучувало и можност за издвојување на РС од БиХ.

„Ако босанските муслимани не можат да ги убедат босанските Срби дека нивната иднина лежи во реинтеграцијата во БиХ, нема смисла да се блокира мирното раздвојување на заедничката држава, по чехословачкиот модел“, се вели во доверливиот документ од 1995 година објавен од претседателската библиотека на Бил Клинтон.

На предлогот реагирал и Дејвис Шафер, советник на тогашната амбасадорка во ООН, а подоцна и на државната секретарка Медлин Олбрајт, кој напишал дека тоа е „мошне лизгав терен“. Според него, „Србите окупираа голем дел од територијата благодарение на етничкото чистење и сега ние им овозможуваме демократски референдум да го потврдат тоа“.

Александар Вершбоу, кој во тоа време беше висок директор за Европа во Советот за национална безбедност (НСЦ) и помогнал да се напише „стратегијата за окончување“, рече дека документот е компромис меѓу различни американски агенции.

„Имаше многу тегнење во различни насоки во рамките на меѓуагенцискиот процес со тоа што Пентагон можеби беше ‘најреалистичен’“, а Стејт департментот и НСЦ повеќе беа со аргументи за праведност, со цел да се добие најдобрата можна зделка за Бошњаците“, рече Вершбоу.

И воениот претседател Алија Изетбеговиќ се нашол под американски притисок да се согласи на српски референдум, дури и додека се појавуваа вестите за убиствата во Сребреница, вели Гардијан.

„Имаше огромен, огромен притисок во погрешен момент“, рече Мирза Хајриќ, кој тогаш беше портпарол на Министерството за надворешни работи и му беше главен советник на Изетбеговиќ.

Хајриќ, сега амбасадор во Австралија, рече дека Изетбеговиќ цврсто ги одбил сите предлози за референдум на Србите. Тој верува дека алармантноста во пристапот на Вашингтон била водена од желбата на администрацијата на Клинтон да го отстрани босанскиот проблем од американските телевизиски екрани пред изборната кампања во 1996 година.

Клинтон секако бил мошне свесен што гледаат Американците на телевизија. Во телефонски разговор со британскиот премиер Џон Мајор на 14 јули претседателот се чини дека не бил свесен за обемот на масакрот, вели Гардијан, и се обидел да ја намали неговата важност.

„Стапката на жртви се намали, а централна Босна е мирна поради придонесите од Унпрофор. Просечниот ТВ-гледач… смета дека е лошо или полошо отколку што беше во 1992 година“, рекол претседателот, додавајќи дека и Конгресот смета така. „Не им се кажува дека е различно“.

Веднаш по падот на Сребреница, францускиот претседател Жак Ширак се обиде да ги здружи западните лидери да го поддржат заземањето на Сребреница со сила, споредувајќи ја ситуацијата со војната против нацистите.

„Франција е подготвена да ги даде сите свои сили во напорите да ја врати на старо ситуацијата во Сребреница – или нема да правиме ништо. Но ако опцијата е да не се прави ништо, тогаш тоа е истата ситуација во која се наоѓавме во 1939 година и Франција ќе се повлече“, му рекол францускиот претседател на Клинтон на 13 јули.

Ревносниот дух на Ширак беше во спротивност со неподготвеноста на Франција да ги одобри воздушните напади на НАТО за да ги одврати Србите од Сребреница, претпазливост што ја чувствуваа и Британците, кои исто така имаа многу мировници на теренот. Американските официјални претставници ги отфрлија апелите на Ширак како театрални и во внатрешните меморандуми на администрацијата наведоа дека неговите генерали не го делат неговиот ентузијазам.

Обидувајќи се да му удоволи на Ширак, Клинтон му се пожалил и од босанската армија, која избегала наместо да се бори против Србите.

„Во Сребреница имаше околу 3.000 босански војници, но тие… заминаа без да се борат“, рекол Клинтон. „Јас ќе разговарам со моите воени советници, но тие се многу скептични во врска со доведувањето сили со хеликоптери, особено ако Босанците не би се бореле. Не можеме апстрактно да ги браниме демократските вредности“, додал тој.

На крај, Соединетите Држави и нивните сојузници се согласија да заземат став за последната муслиманска енклава што стои во источна Босна, Горажде, заканувајќи се со голема одмазда доколку таа биде нападната. Хрватската офанзива врз Србите во западна Босна во август 1995 година ја прецрта мапата и ги принуди Србите на преговарачка маса без ветувањето за референдум.

Војната заврши, што беше надворешнополитички подвиг за Клинтон, кој во 1996 година беше реизбран за претседател на Соединетите Држави. Клинтоновите документи, сепак, служат како потсетник за тоа колку блиску дошле Соединетите Држави да се откажат од Босна.