Раскинот никогаш не е лесен, без разлика на годините, искуството или бројот на претходни врски.
Срцето не ја следи логиката, па дури и кога крајот бил очекуван, емоциите можат да болат повеќе од што се признава. Сепак, експертите тврдат дека постои една грешка која периодот на закрепнување го прави уште потежок и многумина ја прават несвесно.
Најопасната работа после раскин не е излегувањето, не е гледањето премногу серии во креветот, ниту пак импулсивната порака до бившиот партнер. Најголемиот проблем е начинот на кој лицето почнува да разговара само со себе.
Кога започнуваат мисли како „не сум доволно добра“, „со мене нешто не е во ред“, „никогаш нема да најдам некој подобар“, тогаш болката добива нова димензија. Наместо да се закрепнува, самодовербата почнува да паѓа и тагата трае многу подолго.
Психолозите истакнуваат дека после раскин најважно е да се врати фокусот на себеси. Тоа значи квалитетен сон, редовни оброци, движење, мали ритуали кои го враќаат чувството на стабилност и луѓето со кои постои сигурност. Токму тогаш неженоста кон себеси станува поважна од кога било.
Не е време за казнување, туку за нега. Наместо критика, потребни се реченици на поддршка. Наместо изолација, разговор со блиски луѓе. Наместо прашањето „зошто се случи ова на мене“, покорисно е да се праша „што сега можам да направам за себе“.
Раскинот не ја одредува вредноста на личноста. Тој е крај на едно поглавје, не на целата приказна. А начинот на кој некој се однесува кон себеси после тоа често одредува колку брзо доаѓа новиот почеток.