Афера „Синџир“: 26 сопственици и управители на 28 правни субјекти со низа кривични дела ја оштетиле државата за 8 милиони евра


Шанса да станеш YouTuber! Приклучи се! ↓↓↓


Македонското Јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција спроведе истражна постапка против 26 сопственици и управители на 28 правни лица за кои се сомнева дека сториле кривични дела Злосторничко здружување, Даночно затајување, Перење пари и други дела од од Кривичниот законик. За 14 осомничени Обвинителството предложило мерка притвор, од кои за едно лице е предложена мерка куќен притвор, додкеа за останатите 12 осомничени лица се предложи други мерки на претпазливост, пренесува Слободна Европа.

„Осомничените со сите противправно преземени дејствија, во име и за сметка на кривично одговорните правни лица во нивна сопственост и управување, не пресметале и не платиле данок – давачка на која биле законски обврзани. На овој начин, со намера за себе да се стекнат со противправна имотна корист, осомничените предизвикале штета на Буџетот на Р.С. Македонија во вкупен износ од 490.808.618,00 денари или 7.980.627 евра“, се вели во соопштението на Обвинителството.

Оттаму велат дкеа при извршените претреси обезбедена е дополнителна документација која ќе биде предмет на обработка, а дека досега се приведени и 20 осомничени лица од Неготино, Кавадарци, Битола, Охрид и Скопје, додека 6 лица се недостапни на органите на прогонот.

Од Јавното обвинителство велат дека според прибраниот доказен материјал се сомневаат дека во 2019 година три лица како организатори заедно со уште други три лица во Неготино создале група што имала за цел вршење на кривични дела Даночно затајување и Перење пари и други приноси од казниво дело.

Во 2019 година на групата ѝ се приклучиле уште седуммина од осомничените, додека во во текот на 2020 година на групата се приклучиле 11 нови припадници. Во 2021 година припадници на групата станале уште тројца сопственици и управители на правни лица, велат од Обвинителството.

Во периодот од 22.10.2020 до 31.12.2021 година, во Неготино, Струмица, Скопје, Штип и во Велес тројцата организатори на злосторничкото здружение и четворица осомничени припадници на злосторничкото здружение со цел да го прикријат потеклото на паричните средства и нивното движење, пуштиле во оптек, примиле пари и извршиле пренос на парични средства и подигале парични средства во готово во вкупен износ 40.046.815,00 денари или 651.168 евра за кои знаеле дека се прибавени со кривично дело Даночно затајување, се вели во соопштенито.

Организаторите на злосторничкото здружение, велат од Јавното обвинителство, со намера да ја одбегнат законската обврска за целосно или делумно плаќање данок, основале правни субјекти во нивна сопственост и преземале сопственост и управување на претходно основани правни субјекти.

„Тие заедно со припадниците на злосторничкото здружение, во име и за сметка на кривично одговорните правни лица во нивна сопственост и управување, изготвувале и сметководствено евидентирале фактури со вкалкулиран ДДВ за наводно извршени набавки на стоки и услуги или изготвувале и сметководствено евидентирале фактури со примена на механизмот за пренесен ДДВ, по член 32-а од Законот за ДДВ за наводно извршени набавки на стоки и услуги за кои знаеле дека не се извршени“, се вели во соопштението на Јавното обвинителство.

Организаторите на злосторничкото здружение фактурите ги користеле за меѓусебно сметководствено затворање на дел или на вкупните обврски на кривично одговорните правни лица во нивна сопственост и управување и на кривично одговорните правни лица во сопственост и управување на припадниците на злосторничкото здружение кон нив, велат од Обвинитлеството.

„Врз основа на овие фактури за наводно извршени набавки на стоки и услуги, на банкарските сметки на правните субјекти во сопственост или управувани од организаторите и припадниците на злосторничкото здружение по испоставените фактури најчесто не биле вршени плаќања, а дел од меѓусебните побарувања и обврски сметководствено биле затворани со меѓусебни компензации и компензации со повеќе учесници“, се вели во соопшението.