
Во своите постхумно објавени мемоари, Ерик Дејн открива нови детали за годините поминати во серијата „Вовед во анатомија“, каде што го играше д-р Марк Слоун, познат и како МекСтими.
Актерот пишува за тоа во книгата „My Book of Days: A Memoir in Moments“. Дејн почина на 19 февруари 2026 година, на 53-годишна возраст, по борбата со амиотрофична латерална склероза (АЛС).
„Секој момент во кој го играм д-р Марк Слоун, настапувам со актерската екипа на серијата и се дружам со актерите и со екипата зад камерите ми носи огромна радост“, напишал тој, според Ентертејнмент викли.

По аудицијата за Дерек Шепард, не сакал да се пријави за Марк Слоун
Дејн открил дека речиси ја одбил аудицијата за Марк Слоун, бидејќи сметал дека станува збор само за гостинска улога.
Претходно бил на аудиција за Дерек Шепард, односно МекДрими, ликот што го играше Патрик Демпси, и бил блиску до тоа да ја добие улогата.
„Би ја одиграл оваа улога проклето добро. Но нема да го направам тоа. Одбивам. Иако бев на пробно снимање за главната улога и за малку ќе ја добиев, сега треба да одам на аудиција за гостување? Наречете го его, гордост или глупост. Нема да се спуштам на тоа ниво“, напишал тој.
Сепак, на крајот отишол на аудицијата и ја добил улогата.
„Кога завршувам, знам. Едноставно знам. Бев одличен. Шонда се насмевнува. Другите во просторијата чекаат миг, па и тие се насмевнуваат. Сега сите се смешкаат и кимнуваат, речиси подготвени да ме опсипат со пофалби. Откако се поздравуваме, заминувам воодушевен и сигурен во себе. Ја добив улогата“, раскажува Дејн.
Повредата на вратот и лековите против болка го промениле неговото однесување на снимањето
По повреда на вратот, му биле препишани лекови против болка. Во книгата опишува како потоа се менувале неговиот изглед и однесувањето на работа.
„Телото ми пропаѓа. Паѓам на 170 фунти, околу 77 килограми, лицето ми се впива, погледот ми се заматува, изгледам испиено. По ѓаволите, изгледам како зависник од дрога. Се гледа. И јас го гледам тоа. Се менува мојот однос на снимањето. Веќе не сум ведар, не сум забавниот тип што ги засмејува сите. Не правам сцени. Немам испади и не фрлам столови. Одам во спротивната насока. Сè потиснувам во себе. Се распаѓам“, напишал тој.

Петпати бил на лекување од зависност
Дејн открил дека петпати заминувал на лекување од зависност. И креаторката на серијата, Шонда Рајмс, сакала да му помогне, но тој не бил искрен со неа.
„Ѝ велам дека се справувам со тоа. Ја лажам. Се лажам себеси. Стиснувам заби. Се обидувам да издржам. Не сакам да ѝ бидам товар на Шонда. Не сакам да бидам проблем. Но сум. Јас сум проблем“, напишал актерот.
Со текот на лекувањето успеал да ја стави зависноста под контрола, но почувствувал дека работите на снимањето се промениле и дека е подготвен да продолжи понатаму.
„Во мислите веќе си заминувам. Го сакам Марк Слоун, но морам да се разделам со него“, објаснил тој.
Како причина за заминувањето ги навел парите.
Извор: Just Jared