Home Живот и здравје Ситни испакнатини на лицето: како да ги препознаете и третирате затворените комедони

Ситни испакнатини на лицето: како да ги препознаете и третирате затворените комедони

Затворените комедони можат да бидат особено упорни и да предизвикаат големо незадоволство од изгледот на кожата. На прв поглед лицето изгледа чисто, без изразени мозолчиња, но одблизу во огледалото се забележуваат ситни испакнатини на челото, образите или брадата. Кожата не е сосема мазна, а ниту пудрата не изгледа онака како што би сакале. И покрај менувањето серуми и тоници, овие неправилности никако да исчезнат.

Ако го препознавате овој проблем, можно е да станува збор за затворени комедони. Во продолжение објаснуваме како да ги препознаете, кои состојки можат да помогнат во нивното отстранување и кои грешки треба да ги избегнувате за да ја приспособите негата на потребите на кожата.

Затворени комедони

Што се затворени комедони и зошто се појавуваат?

Затворените комедони се вид невоспалителни акни што се создаваат кога во порите се наталожуваат себум и мртви клетки од кожата. За разлика од црните митесери, кои имаат отвор на површината и препознатлива темна точка, затворените комедони се покриени со тенок слој кожа. Затоа изгледаат како мали испакнатини со иста боја како тенот.

Најчесто се јавуваат на брадата, челото и образите, а стануваат поизразени кога светлината паѓа врз лицето под одреден агол. Понекогаш лесно може да се помешаат со милии — мали бели цисти исполнети со кератин. Поради тоа, не е секогаш едноставно сами да процените за каква промена станува збор.

Нивната појава може да биде поврзана со хормоните, зголеменото лачење себум и генетската предиспозиција. Одредени препарати за нега и шминка исто така можат да придонесат за затнување на порите. Сепак, тоа не значи дека секој производ со побогата текстура е лош за кожата. Поважно е како конкретната формула му одговара на вашиот тип кожа.

Затворени комедони

Како правилно да ги комбинирате активните состојки?

Најважно е да не се обидувате сами да ги отстраните затворените комедони. Стискањето може да предизвика иритација, воспаление и мали дамки што со текот на времето можат да преминат во постинфламаторна хиперпигментација, односно потемни траги на кожата. Наместо тоа, во секојдневната нега треба да се воведат соодветни активни состојки, во комбинација со редовно професионално чистење на лицето кај козметичар. Зачестеноста на третманите треба да се одреди според состојбата и потребите на кожата, во договор со стручно лице што ја следи нејзината реакција. За долгорочни резултати, најдобар пристап е спојот на правилна домашна нега и професионални третмани приспособени на вашата кожа.

Салицилна киселина за затнати пори

Салицилната киселина е една од клучните состојки во негата на кожа склона кон комедони. Бидејќи е растворлива во масти, продира во порите и помага да се отстранат вишокот себум и насобраните мртви клетки. Затоа често се користи во серуми, тоници и средства за чистење наменети за кожа склона кон неправилности.

Ако првпат воведувате салицилна киселина во негата, почнете со производ со пониска концентрација и воведувајте го постепено. Пречестата употреба може да предизвика црвенило, лупење и чувство на затегнатост, особено кај чувствителна кожа.

Ретиноиди за долгорочна контрола на комедоните

Ретиноидите, кои се деривати на витаминот А, се меѓу најчесто препорачуваните состојки за третирање неправилности на кожата. Ретинолот и ретиналот помагаат да се нормализира обновувањето на клетките и да се спречи затнувањето на порите, па можат да бидат корисни и при затворени комедони.


Извор: Lepota i Zdravlje

Вчитај повеќе поврзани статии
Load More In Живот и здравје
Comments are closed.

Check Also

Кремасто пире од костени: едноставен домашен рецепт за омилениот есенски десерт

Со неколку состојки и малку време можете да подготвите нежно пире од костени, чиј мирис и …