„Секоја приказна што ја пишувам тргнува од некоја силна емоција што сакам подобро да ја разберам, што ми ја буди љубопитноста и ми дава сила за огромниот труд потребен за да се создаде нешто“, објаснува Ник Пејли, авторот на „Фони“. „На пример, чувството кога си во прво одделение, гледаш во часовникот, минутите минуваат, а родителот не доаѓа по тебе, има огромна емотивна тежина.“
Тој додава: „Отсекогаш сакав да зборувам и за градењето на идентитетот, за откривањето кој си и за одвојувањето од родителот. Многу приказни за созревањето се занимаваат со истражувањето на надворешниот свет додека растеш. Но, малку од нив зборуваат за моментот кога родителот престанува да биде божествена фигура во твоите очи, а тоа е интересна тема. Кога го споив тоа со длабокиот страв: ‘Што ако останам сирак?’, двете идеи се вклопија навистина убаво и природно.“
На Пејли особено му било интересно уште на почетокот да остави навестувања дека Сони, кого го игра Нивола, се сомнева во намерите на мајка си, пред сообраќајната несреќа да му го промени погледот врз нивниот однос.

„Навистина го губиш ориентирот. Компасот почнува да ти се врти, бидејќи сфаќаш: ‘Оваа личност што ме водела, ме советувала, ме хранела и ме поддржувала, всушност е само човек’“, вели тој. „Ја губиш јасната претстава за нештата. Тоа емотивно искуство е многу болно, секако за родителот, но и за детето. Тоа е процес на тагување. Кога првично ја претставував серијата, зборував за тоа дека родителите ги губиме двапати: еднаш кога навистина физички ќе починат, а еднаш кога сме тинејџери и сфаќаме дека ги немаат сите одговори и дека мораме сами да најдеме решение за некои работи.“
Од премиерата на „Фони“ минатиот месец, гледачите на социјалните мрежи споделуваат теории за големото откритие поврзано со идентитетот на Елен, која ја игра Бритон.
„Некои детали што ги забележуваат обожавателите навистина се на место, но никој не ги составил сите делови од сложувалката. Неизмерно уживам додека ги читам, бидејќи сум воодушевен од начинот на кој луѓето го препознаваат скриеното значење“, споделува Пејли. „Постои она старо правило: верувајте дека публиката е паметна, и токму така ја градевме серијата. Прекрасно е да се види како луѓето внимателно следат и ги препознаваат нијансите во сè што правиме. Но, ќе кажам дека никој досега не ги поврзал сите елементи. Различни луѓе имаат различни мали, одделни идеи што допираат до одредени делови од приказната.“
Пејли со нетрпение очекува пред публиката да продолжи да го разоткрива значењето на навестувањата, почнувајќи од дабрите.
„Тие не беа дел од првично осмислената структура. Најмногу сакам кога елементите на мистеријата и трагите се развиваат од некој спонтан порив. Ми се допаѓа симболиката на дабарот“, објаснува тој. „Но, мислам дека довербата во сопствената потсвест, додека развиваш нешто што подоцна ќе стане многу сложен и цврсто вграден дел од мистеријата, е навистина важен дел од инспирацијата. Луѓето интуитивно се врзуваат за нешто во врска со дабарот. Не можеш само случајно да вметнуваш работи во приказните, потоа мораш да ги поврзеш со целината. Така, тој многу лесно си го најде местото во приказната, бидејќи ѝ верував на потсвеста, која ми нудеше важни детали, иако во тој момент сè уште не разбирав зошто се важни.“
Извор: US Weekly