Како пандемијата влијае врз семејствата со дете со попреченост


Уствари викендов е затишје пред бура! ↓↓↓


Во услови на пандемија менталното здравје може да биде значително загрозено. Стресните ситуации, неизвесноста, непредвидливоста, можат да бидат поттикнувачи за појава на проблеми во менталното здравје. Состојбата на семејствата кои имаат дете со попреченост е уште поспецифична и заслужува многу внимание.

Со што потенцијално се соочуваат овие семејства за време на пандемијата?

Зголемено ниво на стрес, паника, неизвесност, анксиозност, тага… семејствата со дете со попреченост веројатно се соочуваат со сите овие негативни емоции кои произлегуваат од проблемите на изолација, намалени социјални контакти, поинаквото секојдневие, страв од евентуално заболување и последниците од истото. Но, дополнителна тежина на сите овие негативни емоции дава сензитивното здравје на нивното дете со попреченост.  Имајќи го предвид фактот дека лицата со попреченост спаѓаат во ризична категорија каде вирусот КОВИД 19 може да има значително потешка клиничка слика, сосема очекувано е дека сите погоре набројани негативни емоции ќе бидат далеку поинтензивни кај овие семејства.

Промените во секојдневието се значителен предизвик  и за самите деца со попреченост. Секојдневните рутини обезбедуваат стабилност, предвидливост и чувство на сигурност. Во овој период родителите се борат во создавање на нови рутини, се обидуваат да ја објаснат ситуацијата на своите деца на начин на кои тие сметаат дека е најсоодветен и најприфатлив за нивното дете.

Проблеми во континуитетот на едукација и рехабилитација. Покрај тоа што МОН презеде низа чекори за организирање на онлајн настава, таа многу тешко би се изведувала во семејствата каде имаме дете со попреченост. Ресурсите, асистивната технологија со која располагаат посебните основни училишта го олеснуваат наставниот процес на овие ученици, ваква асистивна технологија не можеме да очекуваме во домовите на учениците. Сепак, едукативниот дел можеби ќе го надминеме полесно, оваа делумна пауза ќе има многу поголемо влијание во процесот на рехабилитација. Кога се губи континуитетот во рехабилитацискиот процес во голем ризик се става напредокот на детето, односно детето не само што нема да напредува во својот развој, туку може да се случи и развоен регрес. Нешто за што треба да бидат спремни родителите и навремено да реагираат доколку го забележат.

Финансиски потешкотии. Како и сите семејства и семејствата со дете со попреченост ќе се соочат со дополнителни финансиски потешкотии. Детето со попреченост често е голем ризик за појава на финансиска нестабилност во семејството, која во услови на пандемија со сигурност ќе се зголеми. Посебен проблем може да претставува набавувањето на медикаментозна терапија. Дел од семејствата набавуваат терапија надвор од државава, со што останува отворено прашањето дали истата ќе биде достапна во наредниот период.

Во овој момент она што можеме да направиме е да понудиме интервентна поддршка на овие семејства. Да им помогнеме полесно да поминат низ сите кризи и неизвесности кои периодов ги носи со себе. За поздравување е иницијативата на многу здруженија кои направија напори за онлајн поддршка нудејќи ги своите професионални ресурси, но од оваа состојба треба да извлечеме поука дека поддршката не смее да биде само сега и само интервентна. Ние сме должни да обезбедиме постојана поддршка на овие семејства затоа што после пандемијата стресот, паниката, анксиозноста, неизвесноста ќе се намалат, но нема да исчезнат. Од една страна новиот закон за социјална заштита ги препознава семејните советувалишта, а од друга страна имаме посебен кадар кој е специјализиран за семејна поддршка т.е. семејнолози или семејни едукатори. Неопходно е во најблиска иднина овие две работи да ги споиме и истите да ја добијат својата смисла, секако во интерес на семејствата кои се или можат да бидат под одреден социјален ризик.

Доц. д-р Ангелка Кескинова
Институт за семејни студии, Филозофски факултет