Пронајдени досега најстарите траги од животни на планетата Земја


Кој ќе тепа на Ел Класико!? ↓↓↓


Научниците веруваат дека ги пронајдоа досега најстарите животински траги во фосилни остатоци – древни траги втиснати во земјата пред околу 550 милиони години, пишува Питер Докрил за Science Alert.

„Древните траги зачувани во близина на јама откриени се во геолошката формација Денгјинг, богат фосилен резерват во Јужна Кина. Тие се прв доказ со кој се потврдува  постоењето на древна група билатерални животни која претходела дури и на камбриумската експлозија.

Таа експлозија се случила пред околу 541 милион години и предизвикала брзо настанување и развој на разни животински видови во период од околу 25 милиони години.

Од едноклеточни организми до животни кои одат

„Претходно животот на Земјата го чинеле поедноставни, едноклеточни организми, но камбриумскиот период довел до развој на комплексни живи суштества какви што познаваме денес, вклучително и билатералните животни.

Исто така, дошло до настанување на нивни глави, опаши, стомаци, грбои и останати телесни делови, но нешто што е особено корисно – нозе, кои им овозможиле, како што тврди геобиологот Шухаи Ксиао од универзитетот Вирџинија Тех, движење, изградба на живеалишта, борба, исхрана и олеснување во парењето.

Ксиао, исто така, смета дека е исклучително важно да се знае кога се појавиле првите екстремитети и точно кај кои животни се развиле, бидејќи тој податок може да ни објасни кога и како животните почнале да влијаат на обликување на животот на Земјата.

Иако постоеја претпоставки дека токму кај билатералните животни имало прва појава на нозе, досега во фосилните остатоци немаше докази со кои можеше да се потврди таа теза, поради што трагите од формацијата Денгјинг претставуваат голем чекор кон понатамошното разбирање на историјата на еволуцијата, додава Ксиао.

Како оделе првите животни?

Научниците дојдоа до сознание дека праисториските животни не оделе како денес, туку имале повеќе пара поврзани нозе, како кај пајаците или стоногалките, но исто така, потенцираат дека е невозможно да откријат релевантни и убедливи детали за тоа како изгледале.

„Не знаеме точно кои животни ги оставиле тие траги, но веруваме дека биле билатерално симетрични, бидејќи имале спарени екстремитети“, објаснува Шухаи. „Освен во случај животните да умрат и да бидат сочувани веднаш покрај нивните траги, во секој друг случај речиси е невозможно со сигурност да се тврди кој точно ги оставил овие отисоци“, додава тој.

Сепак, поради малата оддалеченост помеѓу откриените траги и фосилизираните јами во близина, научниците претпоставуваат дека тогашните животни имале исклучително комплексно однесување и дека периодично копале по седиментите барајќи кислород и храна.

„За жал, повеќе од тоа е тешко да се претпостави, но она што со сигурност го знаеме е дека тие мали суштества шетале во периодот кога светот уште бил млад, а тоа во моментов е прилично важна вест и информација“, заклучува Питер Докрил.