Како е да се биде професионален Counter-Strike играч! ↓↓↓
На 4 јануари 1943 година во Скопскиот затвор, по повеќедневно сурово мачење без судски процес од страна на бугарската полиција се убиени македонските синови Мирче Ацев и Страшо Страхил Пинџур, прогласени за Народени херои во 1945.
Истиот ден, на пат кон Македонија, по организираното бегство од затворот во Сремска Митровица, во 1942 година, минувајќи ја планината Кукавица, кај селото Туба, во близина на Владички Хан, од заседа на бугарскиот фашистички окупатор бил убиен Јордан Николов – Орце, народен херој на Македонија.
Мирче Ацев е роден во с.Ореовец прилепско на 20 октомври 1915, израснат во револуционерно семејство, а неговите предци во неколку генерации дале борци за националното ослободување на македонскиот народ. Името го добил по стрико му Мирче Ацев, војвода од времето на османлиското владеење во Македонија. Сестрата Вера Ацева исто така учествувала во НОВ и е прогласена за Народен херој.
Страшо Страхил Пинџур роден на 3 март 1915 во Ваташа, македонски револуционер учесник во НОВ.
Бугарските фашисти со клешти им ги корнеле ноктите, им ги сечеле прстите, им кинеле месо од телата во скопскиот затвор.
Бугарските окупатори кога виделе колкав е револтот кај Македонскиот народ од погребот на Мирче Ацев во Прилеп откако неговите блиски го виделе искасапеното тело, фашистите никогаш не го покажале телото на Страшо Пинџур. Неговото тело било однесено во непознат правец и закопано на тајно место, така што до ден-денес не се знае неговиот гроб. На тој начин се остварило претскажувањето од неговиот дневник, кој го водел во 1933 г. каде тој запишал: „Јас ќе умрам млад, а гробот нема да ми се знае”.
Роден е во Скопје, во сиромашно, работничко, повеќечлено семејство. Го изучил кројачкиот занает и станал активист на УРС-овите синдикати. Во 1935 година станува член на КПЈ. Го отслужува воениот рок во 1937 – 1938 година во Загреб. По враќањето од војска повторно се вклучува во активностите на УРС-овите синдикатите и заедно со Цветан Димов ја предводи подружницата на шивачките работници.
Тој бил организатор на многу штрајкови во Скопје и останатите градови во Македонија. Се јавува како иницијатор и организатор и на други акции во предвоениот период, како што се: собирање помош и испраќање на борци во Шпанија, организирање прослави по повод годишнината од Илинденското востание, организирање протести и демонстрации против окупацијата на Албанија од страна на фашистичка Италија. Во есента 1938 година, по негова иницијатива е организирана акција за запишување доброволци за одбрана на Чехословачка од нацистичка Германија.
Во есента 1939 година, согласно решението на КПЈ за засилување на мобилизацијата во Македонија, кога во Македонија доаѓа и Светозар Вукмановиќ – Темпо, во Скопје го затекнува Орце Николов како секретар на Месниот комитет на КПЈ и член на Покраинското раководство на КПЈ за Македонија. Тој организира повеќе штрајкови на работниците во Скопје, Тетово, Гостивар, Прилеп, Куманово и други градови.
Во август 1940 година Орце Николов учествува во организирањето на масовната екскурзија на работниците и други граѓани на Илинден во Скопје и на политичките демонстрации за Илинден. На 9 август 1940 година паднал во полициска заседа пред неговата куќа. Во септември тој, со уште тројца уапсени, е одведен во Белград, во истражниот затвор на Ада Циганлија, а оттаму во Велика Кикинда. Таму стапува во штрајк со глад за подобрување на положбата на затворениците. Кон средината на ноември изведен е пред судот за заштита на државата во Белград, каде што е осуден на две години строг затвор. Во ноември 1940 испратен е во затворот во Сремска Митровица. Додека се наоѓал во затвор, на Петтата земска конференција на КПЈ, одржана во Загреб, Орце Николов е избран за кандидат на ЦК на КПЈ. По фашистичката окупација на Југославија, на 22 август 1941 година, Николов успева да побегне од затворот, заедно со поголема група затворениците меѓу кои се и Бане Андреев и Богоја Фотев.
По бегството, му се приклучува на Фрушкогорскиот партизански одред, а на почетокот од октомври 1941 година оди во Ужице, каде по одлука од Врховниот штаб, сите комунисти – бивши затвореници се јавуваат на Врховниот штаб. Орце Николов таму добил задача да се пробие во Македонија, каде што се вршеа подготовки за создавање на првите партизански одреди.
На 27 октомври Николов со една група Македонци заминува за Македонија. Во околината на Лесковац чека да му бидат испратени фалсификувани документи за да може полесно да ја помине демаркационата линија низ територијата окупирана од Бугарија. Во првиот обид да ја премине граница, во декември 1941 година, не успеал, и се вратил назад. При вториот обид, ноќта меѓу 3 и 4 јануари 1942 година, во пробивањето низ демаркационата линија Орце Николов загинува при заседа на бугарскиот окупатор на планината Кукавица, кај селото Туба, во близина на Владичин Хан, Србија.