Гоце Делчев: „Бугарската влада има чисто завојувачки намери кон Македонија“ – 149 години од раѓањето на револуционерот


Кој ќе тепа на Ел Класико!? ↓↓↓


На денешен ден, 4 февруари 1872 година, во Кукуш, Егејска Македонија, е роден Георги Николов Делчев, македонски револуционер, деец на Македонската револуционерна организација, идеолог, организатор, стратег и водач на македонското револуционерно националноослободително движење кон крајот на 19 и почетокот на 20 век, истакнат борец за македонската самостојност и самобитност.

„Бугарската влада, која има чисти завојувачки намери спрема Македонија, штом ќе почне да дава пари, ќе знае како да ја исползува со таа ‘помош’ создадената состојба на работите внатре: таа нема да се задоволи со некакви платонски чувства туку ќе сака реални привилегии… Повторувам, ударот ќе биде страшен!“ (Г. Делчев, Во спомените, 17)

Видниот македонски историчар – научник и педагог Христо Андонов-Полјански, еден од најдобрите познавачи на македонската историја, во прв ред, на илинденистиката, а секако, најдобар познавач и најголем вљубеник во делото на Делчев, во својата книга објавена по повод 80-годишнината од загинувањето на Гоце Делчев, вели: „Појавата на Гоце Делчев на македонската историска сцена, во современата историја на македонскиот народ и на Македонија воопшто, не беше случајна… Тој се појави во средината во која постоеше голема потреба за револуционер од ваков профил… Затоа, неговото грандиозно дело претставуваше очевиден печат на времето во кое живееше и дејствуваше. Тој и неговата револуционерна генерација изникнаа од народот и успеаја да проникнат во сите негови желби, стремежи и интереси“.

Понатаму во Воведот кон својата книга Полјански вели: „Гоце Делчев, со своето грандиозно дело, стана прва револуционерна совест на Македонија, смел борец за национални и социјални права. Затоа, неговиот животопис беше тесно поврзан со животот на македонскиот народ, кој, национално и социјално потиснат, ги бараше патиштата и насоките за ослободување од вековното османлиско ропство за создавање сопствена македонска државна заедница“. „Револуционерниот опус и личноста на Гоце Делчев станаа предмет и го предизвикаа вниманието на истражувачите на македонската, југословенската, балканската и светската историографија и публицистика… Тоа е една опсежна продукција од различен вид и жанр, една низа на трудови и прилози за историјата на неговото дело, на времето во кое тој живеел и дејствувал“.

На крај, Полјански се осврнува на начинот на прикажување на историските факти од страна на бугарската историографија, која и тогаш, како и сега, се служеше со искривување и фалсификување на вистината за личноста и дејноста на Гоце Делчев.

„Во аналитичкиот и во критичкиот осврт на оваа Гоцева историја во таканаречената Делчевологија забележуваме и присутност на сосема анахроничен пристап во интерпретирањето и презентирањето на Гоцевото дело, на неговата идеолошка платформа и целосна посветеност кон светлините на македонската националноослободителна борба и македонското националноослободително движење, како и кон патоказите на неговата, Гоцевата, револуционерна традиција во современата историја на Македонија. Тоа е особено забележително присутно во современата бугарска историографија и публицистика, која, за разлика од толкувањето на Гоцевата личност и идеи, како и на сето македонско минато во времето на таканаречениот Димитровски период, настапува ревизионистички и неоврховистички, со безуспешно посегнување по фалсификати, во осквернително обезличување на Гоцевата македонска националноослободителна концепција. Всушност, целокупното дело на Гоце Делчев неуморно беше посветено кон прогресивниот национален развој на македонскиот народ и на неговата националноослободителна борба, што имаше и што постигна историска оправданост. Затоа, овој херостратски потход претставува само воскреснување на изживеаните санстефански сеништа“.

Но, кој бил, како се чувствувал, за што се борел Гоце Делчев најдобро ќе сфатиме од неговите изреки и искажувања што останаа забележани во сеќавањата на неговите пријатели и соборци.

По исклучувањето од Военото училиште во Софија поради читање социјалистичка литература, Гоце, заедно со Туше Делииванов, се враќа во Македонија и ѝ се оддава на револуционерната дејност. Тој на својот другар му вели: „Македонија е во ужасна положба. Народот е поставен во тешки, унизувачки услови. И тоа имено определува што треба да правиме…“

Во ноември 1894 год. Делчев и Делииванов се среќаваат во Штип со Даме Груев. На прашањето на Даме зошто ја напуштиле Бугарија Гоце одговорил:

„Може ли да има друго место за еден Македонец, освен Македонија? Дали има народ понесреќен од македонскиот? И дали има некаде пошироко поле за работа отколку Македонија? Во Штип дојдовме случајно – сеедно каде, но треба да се започне поскоро. Треба да се просвети и организира народот, да се вооружи, да му се влее вера во неговите сили – да разбере како може да се оттргне од ропството и мизеријата – да му се отворат очите“. (К. Христов, Гоце Делчев, 85)

„Ослободувањето на Македонија се крие во внатрешното востание. Кој мисли инаку да се ослободи Македонија, тој се лаже и себеси и другите. Треба тој народ да се разбуди од петвековниот длабок сон, кој го направил Македонецот доста дебел во свеста за човечката правина. И тоа ако не целиот народ, тогаш барем еден дел од него“. (Љ. Лапе, Писмата на Гоце Делчев,11)

„Не може да се надеваме на туѓа помош, да не чекаме помош од Бугарија, ни од која и да било друга сила, туку треба да се подготвиме однатре – во душата на секој селанец да се проникне кон таа идеја, сѐ да се подготви и тогаш да се крене масовно востание. Дотогаш никој однадвор да не се меша во нашата работа“. (Г. Делчев, Во спомените, 92)

„Бугарската влада, која има чисти завојувачки намери спрема Македонија, штом ќе почне да дава пари, ќе знае како да ја исползува со таа ‘помош’ создадената состојба на работите внатре: таа нема да се задоволи со некакви платонски чувства туку ќе сака реални привилегии… Повторувам, ударот ќе биде страшен!“ (Г. Делчев, Во спомените, 17)

„Само ако тукашната организација (Врховниот комитет) го одобрува духот на Внатрешната организација и не се стреми да ѝ дава импулс, влијание, т.е. не се меша во нејзините работи, само во таков случај може да постои врска меѓу тие две организации. Делегатите на Тајниот револуционерен централен комитет имаат цел не само да ја поддржуваат врската меѓу двете организации, но и да одбиваат посегнување на тукашниот Врховен комитет по тајната организација во Македонија и Одринско“. (Преображенското востание, 181-182)

„Со молчење и бездејност од никаде ништо не излегува“. (Г. Делчев, Писма, 236)

„Другари, кој е со две срца, нека остане тука, а кој е со едно ама машко, нека тргне со мене. Ние не одиме на свадба, туку заминуваме за Македонија за да се бориме за ослободувањето на својот народ“. (Сеќавање на Гоцевата смрт, 4)

„Тој беше, навистина, рожба на својата епоха, се издигна над своите современици и образложи определена содржајна концепција за суштината на македонската револуција… Токму затоа, оваа револуционерна и идеолошка концепција влијаеше мошне многу и придонесе кон осознавањето и кон издигнувањето на македонската национална особеност, на македонскиот национален идентитет“, вели Христо Андонов-Полјански.

Гоцевото дело и личност, исцело посветени на македонската националноослободителна борба, ги возбудуваа умовите на македонските поколенија. Неговото име стана знаме и симбол на борбата за слобода, слободољубив трепет и благородна насока во подвизите на револуцијата, во факелите на слободата, носени од прогресивните македонски генерации. Зашто тој беше вистински народен трибун, предводник на македонската самостојност и самобитност, знаменосец и челник во борбата за национално и социјално ослободување. Тој беше и ‘човек што го вплотил во себе сето човештво’, зашто со сета своја револуционерна дејност и посветеност тој ги надмина тесните рамки на националната слобода и излезе со својот хуманизам и космополитизам. Тоа беше превосходен Гоцев чин, вовлечен во големите тенденции на човештвото. Затоа што неговата татковина беше целиот свет, а светот беше негова татковина“.