„Петнаесет часа ние го гледавме мртвиот Гоце, наведнат, чиниш, врз грбот на Македонија“


Кој ќе тепа на Ел Класико!? ↓↓↓


На денешен ден во 1903г, во с. Баница загина апостолот на македонското револуционерно национално ослободително движење – Гоце Делчев.

На пат за Ловчанската корија на Али-Ботуш, каде што го закажал Конгресот на Серскиот револуционерен округ, Гоце запрел во селото Баница, Серско. Таму се сретнал со четите на Бродалијата и Димитар Гуштанов. Овде се затекнал и Димо Хаџи Димов. На 3 мај 1903 година, вечерта, Гоце бил мошне импресиониран од Солунските атентати и во селото Баница ги изрекол зборовите:

„Ги разигравме анамите со широките шалвари во Солун, така ќе ја растресеме целата турска гнила империја од темел“

Димо Хаџи Димов, близок соработник и пријател на Гоце, и самиот учесник во борбата кај Баница го оставил следното потресно сведоштво:

„Петнаесет часа ние го гледавме мртвиот Гоце, наведнат, чиниш, врз грбот на Македонија. И петнаесет часа ни се кинеа срцата“.

Постојат повеќе верзии за неговото загинување, изнесени од непосредните сведоци на неговата смрт. Михаил Чаков истакнува дека взори бил разбуден од еден полјак од селото кој му јавил дека Баница била полна со аскер. Потоа го упатил кај Гоце за да му го соопшти истото. Меѓутоа штом полјакот слегол доле бил прибран од аскерот. Чаков слегол долу и се упатил кон куќата каде што бил сместен Гоце. Од таа куќа излегле две девојчиња, кои му рекле и тој да се прибере во таа куќа. При средбата, Гоце направил распоред за одбраната, а потоа, штом забележал дека војската одела по куќите и претресувала, заповедал да излезат и тргнат низ селото.

Пејо Јаворов дава малку поинаква верзија. Рано изутрина Гоце и другарите биле разбудени од некоја баба која им рекла: Станете, момци! Аскер го загради селото и пребарува по куќите. Гоце и комитетите биле готови за борба. Војската пребарувала по куќите и го собирала населението. Тие стигнале до куќата каде што бил Гоце со другарите. Гоце предложил да излезат од селото за да не биде запалено. Наместо да го чека мракот во утврдената камена куќа, наредил да излезат и да тргнат низ селото. По решението на Гоце, сите излегле на улица и се провлекувале до крајот на селото, каде што се наоѓала последната војска, и според Јаворов, Гоце извикал: Легнувајте! Првата пушка тој ја пукнал. Сите залегнале, а Гоце, според Чаков, застанал простум да ја полни пушката. Како луд му свикав: Легнувај, Гоце! Легна, но на самото легнување еден куршум го пронижа во левата града, и тој падна врз својата пушка… ги кладе двете раце наземи и се обиде да се крене гледајќи кон другарите што беа се растуриле покрај ѕидот на куќата и ги рече последните зборови:

Ах, момци, рани…
и пушти душа. Веднаш го фатив за левиот опинок, како што беше легнал по очи и колку глас ме држи викав: Гоце, Гоце! – Никаков одговор. Изгасна за секогаш јуначката натура. Во борбата кај Баница учествувале 14 борци. Биле убиени: Гоце, Стефчо Трлишанчето, Кољо Консулата, Димитар Гуштанов. Бил ранет: Ѓорѓи Савеклијата. Другите се извлекле преку една плевна и заминале од селото. За одмазда, аскерот го запалил селото и го бомбардирал со топови. Биле изгорени 124 куќи, изгорени селани 5, убиени 4, затворени 24. За овој подвиг Тефиков добил полковнички чин. Во текот на борбата телото на Гоце останало на местото каде што тој паднал. По борбата Тефиков го познал Гоце и дал наредба да се пренесе во Серез. Тоа го сакале и некои други видни турски управници од Сер за да го носат Гоцета како воен трофеј и да го деморализираат населението. Меѓутоа, пристигнала наредба од Солун да се остави Гоцевото тело во Баница и тука се погребе. Така загинал Гоце во Баница, храбро и достоинствено. Го даде својот живот за ослободување на Македонија.

——————————————————————————-

„Дали може да има друго место за еден Македонец, освен Македонија? Дали има народ понесреќен од македонскиот? И дали има некаде пошироко поле за работа, отколку во Македонија?“ – Гоце Делчев

Слава му!