Home Семејство Дали сте анксиозни?

Дали сте анксиозни?

Менталното здравје е психолошка благосостојба, способност на индивидуата да го живее животот на тој начин што ќе создаде рамнотежа помеѓу животните активности и психолошкото доживување. Доброто ментално здравје значи самодоверба, сигурност во себе, самопочит, целосно уживање.  Ова и овозможува на индивидуата полесно да се справи со предизвиците со кои ќе се соочи во текот на животот, како и свесност за своите потенцијали и способности.

Менталните потешкотии пак влијаат врз животот на поединецот, неговото мислење, чувства, однесување и интеракции со другите луѓе. Анксиозноста е една од менталните нарушувања која значително влијае на животот на поединецот. Во денешно време со брзиот начин на живот, промените во средината и кризите, сосема е нормално да се појави загриженост и немир кај луѓето. Но постојаното чувство на страв и грижа може да биде знак дека личноста има анксиозност. Како физички симптоми се јавуваат напнатост, слабост во телото,  тешко дишење, недостаток на воздух и стегање во градите,  сува уста, зголемено потење на дланките и телото, често мокрење, вртоглавица, треперење на целото тело, трнење на рацете, забрзано чукање на срцето и сл. Од психолошките симптоми познати се страв, грижа, збунетост, немир, раздразливост, слаба меморија која често е резултат на намаленото внимание и концентрација, чувство на притисок проследено со намалување на трпението, иритабилност, агресивност, неможност за опуштање, чувство и исчекување дека нешто лошо ќе се случи и тн.

Симптомите можат да се преклопат со други медицински состојби па затоа е потребна посета на психолог или психијатар. За луѓето со анксиозност често домот е сигурно место, неговото напуштање доведува до непријатност а тоа ги спречува да го живеат животот со полна пареа.  Главна причина за појава на анксиозност може да бидат стресни и негативни ситуации но може да е немотивирана и неповрзана со настан или лице.

Анксиозните лица постојано имаат чувство на тешкотија и не им е секогаш јасно зошто ја чувствуваат истата. Понекогаш може да се јави напнатост и непријатност со замислување на можни ситуации.  За да може да се третира анксиозноста многу е важно навремено да се процени и препознае.  Таа може да доведе до нарушување на секојдневното функционирање па потребна е помош од професионалци. Доколку се третира уште од раните фази може да се спречи појава на понатамошни поголеми последици.  Постојат бројни пристапи кои ја третираат анксиозноста како гешталт терапија, когнитивно-бихејвиорална терапија, семејна терапија и други со кои може да се надмине и да се олесни животот на личноста.

Роберта Дунимаглоска,

студент на Институтот за семејни студии, Филозофски факултет

Load More Related Articles
Load More In Семејство
Comments are closed.

Check Also

Грижата за семејното здравје поважна од било кога

Како човечки суштества нашето здравје и здравјето на тие што ги сакаме е наша секојдневна …