Загуба на родител – Случка која не смее да биде ЗАНЕМАРЕНА


Шанса да станеш YouTuber! Приклучи се! ↓↓↓


Eдна од наjтешките трауми во животот на човекот е загубата на своjот родител. Траума коjа остава долготраjни последиции и влиjае на сите полиња во животот. Загубата на родителот во детството е наjтешка за пребродување. Децата наjчесто ги прикриваат чувствата и не сакаат да се соочат со реалноста. За миг го изгубиле својот наjдобар другар, своjот идол, своjот хероj. Кога детето ќе се соочи со ваква ситуациjа во животот неопходна е посета на стручно лице. Оваа посета е важна за детето за да може да jа разбере фактичката ситуациjа и да jа прифати што побрзо реалноста.

Разговор со стручно лице е важен и за другиот родител. Работата со семејни советници, психолози и социјални работници помага во надминување на траумата и одржување на менталното здравје на индивидуите. Семејните работници може да помогнат во одржување на нормална семејна структура.

Родителите, многу често, несвесно ја прикриваат загубата на другиот родител, смртта на нивниот партнер. На своите деца им купиваат скапи и омилени играчки, активностите кои им ги забранувале вчера од денес се дозволени, мислејќи дека така ќе им ја намалат болката и тагата за загубениот родител. Тоа претставува голема грешка бидејќи со купувањето на играчки и пополнување на времето со некогаш „забранетите“ активности се потиснува реалната ситуација.

Кога се доживува загубата на родителот кај детето се јавуваат негативни однесувања и психосоматски состојби како што се: тага, лутина, проблеми со спиење, бес, огорченост, вербално и физичко насилство врз другите деца, слаб успех во училиште, бегање од часови, посегнување по алкохол, цигари и дрога, самоповредување, повлекување во себе, анксиозност, депресија. Децата најчесто покажуваат бес кон оној со кој што се најблиски, а тоа може да бидат: другиот родител, брат, сестра, баба, дедо. Многу често мислат дека тие се виновни за загубата на нивниот татко или нивната мајка. За да привлечат внимание, бидејќи се повредени, често се самоповредуваат со тоа што оставаат видлива трага од повреда на нивното тело. Таквите повреди може да се манифестираат како пресекотини со нож, изгореници, сечење на коса, кинење алишта и сл.

Децата кои изгубиле родител во период на адолесценција можат да имаат проблеми со пронаоѓање на партнер и формирање на семејство. Овие деца се или премногу зависни од љубов или се недостапни и ладни. Љубовта која ја добивале од останатите членови на семејството никогаш не им била доволна и почнуваат да се чувствуваат неисполнето. Многу често градат затворен карактер, не можат да се прилагодат на ниедна промена во животот, промена поврзана со место на живеење, образовна институција (училиште, факултет), прекинување на врска, не можат да одржуваат долги пријателства бидејќи мислат дека ако се зближат со некого, неизбежен е моментот на разделба и повторно да останат напуштени и сами.

Децата кои се соочиле со загуба на родител многу често пројавуваат анксиозност кога ќе се промени здравствената состојба кај некој од членовите на нивното семејство. При најмала промена на нивното здравје (пример: покачена телесна температура кај нивното братче/ сестра) тие мислат дека ќе го загубат исто како и нивниот родител. Тогаш кај нив се јавува несоница, потење, треска, добиваат нагони на повраќање, викаат, плачат, посакуваат тие да се на негово место.

Родителите се првите лица со кои комуницираме и градиме цврста врска веднаш по нашето раѓање. Болката од загубен родител е трајна и остава длабоки траги. Психолошките последици на децата се големи и сериозни и доколку не се работи со нив, може да завршат фатално. Разговорот со семеен советник или друг стручен профил не смее да се занемарува и избегнува. Со помош на стручна поддршка се надминуваат негативните чувства и емоции и придонесува до градење на силни и здрави индивидуи.

Елена Михајловска

Студент на Институтот за семејни студии

Извадок од списанието VOX