Данска е првата европска држава која ги отвора училиштата


Кој ќе тепа на Ел Класико!? ↓↓↓


Данските училишта, кои еден месец беа затворени како превентивна мерка во борба против епидемијата на коронавирусот, утрово се делумно отворени, јавува агенцијата „Франс Прес“.

Данска е првата европска земја која повторно ги отвори своите предучилишни установи и ословни училишта по воведувањето на рестрикциите на 12 март.

По напредокот во борбата против ширењето на заразата со коронавирус, данските власти одлучија да ги вратат учениците до петто одделение во училиштата, како и децата во градинките и јаслите. Одлуката има за цел да ги растерети родителите кои мора да се грижат за децата, а работат од дома.

Училиштата мора да исполнуваат одредени стандарди, како што е доволен простор помеѓу учениците, па некои ќе бидат затворени уште неколку дена сè додека не бидат усогласени со мерките. Краен рок за отворање на училиштата е понеделник.

Наставата се продолжува во половина од данските општини и во 35% од установите во Копенхаген. Останатите побарале повеќе време за прилагодување на правилата за здравствена заштита.

Сепак, многу родители се загрижени за последиците од новата одлука, која Данска ја донесе пред повеќето други земји.

Отворањето на училиштата е прв чекор во планот на Данска за повторно придвижување на земјата. Рестораните, кафулињата, театрите, кината и трговските центри ќе останат затворени најмалку до 10 мај.

Во Данска, земја со околу 5,6 милиони жители, коронавирусот е потврден кај 6.706 лица, а 299 починале, според податоците од универзитетот Џон Хопкинс. Властите во вторникот пријавија 193 нови случаи на зараза, а еден ден претходно 144.