Кратка врска, па прстен на рака – се почест тренд кај младите денес


Вака се слави гол во 120-та минута!!! ↓↓↓


Кратка врска, па прстен на рака – се почест тренд кај младите. За влегување во брак и формирање на семејство, потребна е физичка, ментална, социјална и емоционална зрелост или уште може да се каже дека во брак најдобро е да влегуваат веќе формирани личности. Јасно е дека младите првенствено ставаат акцент на љубовта како еден од предусловите за среќен брак. Младите не ја сфаќаат суштината на бракот како институција и взаемна заедница. Застанувањето на лудиот камен се случува и по неколку месечна врска. Иако не се познаваат доволно, тие утеха наоѓаат во современиот развод, кој е феномен на денешницата. Велат дека не е страшно ако не се пронајдат во брак, постои разводот. Бракот претставува заедница помеѓу зрели индивидуи, подготвени да ги прифатат сите предизвици кои стојат пред нив и да создадат заеднички творби и цели. Бракот е институција во која треба да се вклучени подеднакво партнерите.

Во минатото многу често партнерите по извесно време склучувале брак, затоа што така налагала традицијата. Се познавале семејствата од двете страни, па најчесто родителите имале улога на стројници помеѓу момчето и девојката. Бидејќи се познавале семејствата, младите немале потреба да чекаат предолго, па по неколку месечната врска склучувале брак. Минатото и историјата се повторуваат. Денес нема родители стројници, но има избрзани и погрешни одлуки за стапување во брак.

Младите често знаат да избрзаат со одлуката за крунисување на љубовта со брак. По само неколку месеци од запознавање, мислат дека добро се познаваат меѓусебе, сметаат дека ги поминале сите фази од врската, си ја пронашле сродната душа и го запечатуваат моментот со прстен.

Брачните обврски се големи и сериозни, кои бараат постојана работа и заслужуваат  големо внимание.

Пребрзото стапување во брак може да донесе негативни последици за партнерите. Најчесто ни треба време за да се отвориме на некого и да ги откриеме нашите најголеми тајни, најдалечни цели, најдлабоки желби. Кога партнерите се во почетна фаза од врската, многу често знаат да не се откријат целосно на партнерот, мислејќи дека ќе добијат осудување од него и чувствуваат страв од напуштање. Тајните знаат да ги кријат и чуваат и откако ќе склучат брак. Па така, откако бракот ќе биде склучен, некои од сокриените тајни излегуваат на површина и тогаш за прв пат партнерите го гледаат вистинското лице на нивниот животен сопатник.

Тајни кои најчесто партнерите ги кријат еден од друг се: работниот статус, месечните примања, желби и страсти, нивното семејство, пријателите, колегите, како и искуството од поранешните врски.

Карактерот и темпераментот бараат подолг период на набљудување и запознавање. Невозможно е во неколку месеци да запознаете некого, да ги откриете во целост неговите добри и лоши страни. Неможете да го ,,прочитате” , да го чувствувате како ,,дише”.

Комуникацијата и интеракцијата во првите неколку месеци од врската е најчесто добра и ,,маскирана”. Партнерите се топли меѓу себе, покажуваат почит и разбирање еден за друг. Но, сето тоа може многу брзо да се промени со влегување во брачните води. Емоционалната интелигенција бара подолг период на развивање. Развивањето на емоционална интелигенција вклучува препознавање и разбирање на потребите на другиот, чувствување на емпатија кон некого. Во само неколку месеци од врска неможете да ги препознаете вистинските потреби на партнерот, неможете да му ги прочитате неговите мисли. Партнерите кои пребрзо склучиле брак, немаат доживеано заеднички искуства во врската, не растеле и созревале во таа врска заедно. Немаат креирано заеднички цели за иднина. Младите денес многу често прават грешка, имитирајќи ги нивните пријатели, нивната блиска околина. ,,Сите се во врска, да бидам и јас”. Влетуваат во врска за да бидат во тренд и ист чекор со нивните врсници, па најчесто и се натпреваруваат меѓу себе, ,,кој попрв ќе склучи брак”. Фазата на запознавање треба да трае подолго, тоа е фаза во која партнерите ќе се запознаат подобро, ќе учат и созреваат заедно. Партнерите треба да го учат и проучат говорот на телото на оној покрај нив.

Браковите кои се склучени по неколку месечна врска, најчесто се резултат на бременост. Ова повлекува со себе негативни последици како што е развод на пребрзиот брак и делење на старателство помеѓу партнерите. Разводот и делењето на старателството освен што предизвикува негативни последици кај индивидуите, остава и длабоки трауми кај децата. Откако ќе настапи разводот, проценувајќи ја погрешната одлука за брак, индивидуите често знаат вториот брак да го склучат по многу години, а некои од нив и воопшто не склучуваат брак.

Убаво е, здраво и паметно кога нашиот најдобар другар го познаваме добро. Не познава и тој нас, ни ги знае желбите, ни ги препознава потребите. Во брак треба да се влезе со целосен разум и прифаќање на одговорност за иднината. Брачните обврски ни најмалку не се лесни и едноставни. Бракот бара постојана борба и труд. Секоја индивидуа треба да биде подготвена да одговори на предизвиците и барањата кои ги нуди бракот.

Затоа добро размислете за изборот на вашиот брачен партнер, но и дајте си време на себе пред да влезете во брачниот свет. Дајте си време да созреете, да се запознаете прво себеси, а после и другиот.

Елена Михајловска

студент на Институтот за семејни студии