82 години од издавањето на култната стихозбирка „Бели мугри“ од Кочо Рацин


Кој ќе тепа на Ел Класико!? ↓↓↓


На денешен ден, 25 ноември, во 1939 година, во градчето Самобор кај Загреб, во Хрватска, во печатницата на Драгутин Шпулер, излегла од печат збирката песни „Бели мугри“ од македонскиот поет и револуционер Кочо Рацин.

Збирката претставува извонредна поетска слика на најтипичните социјални појави во Македонија пред почетокот на Втората светска војна.

Историчарите на македонската современа книжевност напишале: Таа е антологија на болките и страдањата на македонскиот народ – експлоатацијата на тутунопроизводителите, на монополските работници и на надничарите. Покрај ова, таа е проткаена со борбеност и револуционерен дух. Таа претставува стремеж за афирмација на македонската национална култура.

„Бели мугри“ е трета стихозбирка објавена на македонски јазик, по стихозбирките на Венко Марковски, „Народни бигори“ и „Огинот“, објавени во 1938 година.

Стихозбирката е испечатена на 25 ноември во печатницата на Драгутин Шпулер во 4.000 примероци. Според тогаш вообичаената комунистичка практика, насловот е испечатен со црвени букви, а поради опасноста да се дознае идентитетот на авторот, Коста Солев ја објавува под псевдонимот „К. Рацин“. Стихозбирката брзо се растура по цела тогашна кралска Југославија, под чија окупација била Македонија, како и во Пиринска Македонија и постигнува голем успех.

Збирката претставува извонредно крупен настан во културната и политичката историја на македонскиот народ и пошироко. Тоа е врвен дострел на Рациновото творештво. Дело неделиво од неговиот живот и неговото класно и национално определување. Дело со кое ги потврдува можностите за изразување и на најсуптилните чувства на јазикот кој бил забрануван и одрекуван.

Стихозбирката „Бели мугри“ е составена од 12 песни, во 5 циклуси напишани на велешки дијалект со примеси од западно-македонските говори, во кои доминираат социјалните и револуционерните теми. Насловот на стихозбирката е симболичен – пејзаж кој е посакуван од работниците, аргатите и сите експлоатирани луѓе. Тоа е ново утро, нов почеток, нов живот во кој сите ќе бидат еднакви.