Овој е „екипажот на човештвото“ кој во 2024 година ќе лета до Месечината и назад


Кој ќе тепа на Ел Класико!? ↓↓↓


НАСА го објави тимот составен од четворица астронаути што кон крајот на следната година ќе летаат околу Месечината, вклучувајќи ги и првата жена и првиот Афроамериканец одбрани за лунарна мисија.

Првиот „месечински“ екипаж по 50 години – тројца Американци и еден Канаѓанец – беше претставен на церемонија во Хјустон, дом на американските астронаути, како и на Контролата на мисиите.

„Ова е екипаж на човештвото“, рече администраторот на НАСА Бил Нелсон.

Четворицата астронаути ќе бидат првите што ќе летаат со капсулата Орион на НАСА, лансирана од ракета Систем за вселенско лансирање од вселенскиот центар Кенеди не порано од крајот на 2024 година. Тие нема да слетаат ниту ќе влезат во месечинската орбита, туку ќе ја облетаат Месечината и ќе се вратат на Земјата, што ќе биде увертира за слетување на Месечината од двајца други астронаути една година подоцна, пренесе Асошиејтед прес.

На командантот на мисијата, Рид Вајсман, ќе му се приклучат Виктор Гловер, афроамерикански поморски авијатичар, Кристина Кох, која го држи светскиот рекорд за најдолг вселенски лет на жена, и Џереми Хансен од Канада, поранешен борбен пилот и единствен вселенски дебитант во овој екипаж. И Вајсман, и Гловер и Кох имаат живеено на Меѓународната вселенска станица. Сите четворица се на возраст од 40 години.

„Ова е голем ден. Имаме многу да славиме и тоа е многу повеќе од четирите имиња што беа објавени“, рече Гловер.

Ова е првиот месечински екипаж во кој е вклучен и некој надвор од САД – и првиот екипаж во новата месечинска програма на НАСА наречена Артемида, по сестрата близначка на митолошкиот Аполо. Кон крајот на минатата година, до Месечината и назад леташе празна капсула Орион во долгоочекуваната генерална проба.

„Дали сум возбудена? Апсолутно“, рече Кох и предизвика овации од толпата ученици, политичари и други. „Но моето вистинско прашање е: ‘Дали вие сте возбудени?’“, рече таа и доби уште посилни овации.

Канадската вселенска агенција го доби едното седиште поради нејзиниот придонес со големите роботски раце на вселенските шатлови на НАСА и вселенската станица. Такви се планирани и за проектот Месечина.

Хансен рече дека е благодарен што Канада е вклучена во летот.

„Заедно одиме на Месечината. Ајде да одиме!“, рече тој.

За време на Аполо, НАСА испрати 24 астронаути на Месечината од 1968 до 1972 година. Дванаесет од нив слетаа. Сите беа воено обучени машки пробни пилоти, освен Харисон Шмит од Аполо 17, геолог, кој ја затвори таа ера на слетување на месечината заедно со сега покојниот Џин Сернан.

Под услов следниот 10-дневен месечински лет да помине добро, НАСА има цел двајца нејзини астронаути да слетаат на Месечината до 2025 година.

НАСА избираше од 41 активен астронаут за својот прв екипаж Артемида. Канада имаше четворица кандидати. Речиси сите од нив учествуваа на церемонијата во понеделникот во Елингтон Филд во вселенскиот центар Џонсон, еден вид митинг што заврши така што Вајсман ја наведе толпата да скандира.

Претседателот Џо Бајден разговараше со четворицата астронаути и нивните семејства во неделата. Во твитот во понеделникот, Бајден рече дека мисијата „ќе ја инспирира следната генерација на истражувачи и ќе му покаже на секое дете – во Америка, Канада и низ целиот свет – дека ако можат нешто да сонуваат, ќе можат и да станат тоа“.