Прва снимка од рибата која плива најдлабоко направена на длабочина од 8.336 метри


Кој ќе тепа на Ел Класико!? ↓↓↓


Јапонско-австралиска научна експедиција за прв пат направи снимка на специфичен вид риба на длабочина од повеќе од осум илјади метри, што е нов рекорд кога станува збор за риба на големи длабочини бидејќи ја надминала старата за 158 метри.

Станува збор за вид риби од родот Псеудолипарис и фамилијата Липаридае, снимена како плива на длабочина од 8.336 метри, изјави водачот на експедицијата професор Алан Џејмисон. Пред ова откритие, на 15 август минатата година, научниците забележале сличен вид на длабочина од 8.178 метри во Маријанската бразда.

Долго време се веруваше дека рибите не можат да преживеат на длабочини од 8.200 до 8.400 метри, поради притисокот. Џејмисон објасни дека освен снимките, научниците успеале и физички да заробат два примероци на длабочина од 8.022 метри во Јапонскиот ров, јужно од Јапонија, и така поставилие уште еден рекорд – оној за улов во најдлабоките морски води досега.

Двомесечната експедиција беше предводена од научници од Универзитетот во Западна Австралија (УВА) и експерти од Универзитетот за морски науки во Токио.

Велат дека сѐ уште не се знае прецизно колкава е големината на рибите, но досега е забележано дека овој вид може да достигне должина од околу 11 сантиметри.

На снимката направена со камера управувана на далечина, може да се види дека рибата има млечно бела боја, перките ѝ се полупроѕирни, а телото изгледа како да е покриено со мека желатинозна маса, пишуваат јапонските медиуми.

„Јапонските океански ровови се неверојатни места за истражување, тие се многу богати со живот, дури и на самото дно“, рече Џејмисон, основач на Центарот за истражување на морските длабочини Миндеро-УВА.

„Веќе две или три години предупредуваме дека длабокото море е прилично страшно место. Но, не го цениме доволно фактот дека во основа тоа го сочинува најголемиот дел од планетата Земја и дека треба да се обидеме да го проучиме и разбереме и да дознаеме како функционира и како на него влијаат луѓето“, рече Џејмисон.

Водачот на јапонскиот тим на научници, д-р Китазато Хироши, изјави дека е неверојатно искуство да се открие риба на длабочина поголема од 8.000 метри под површината на океанот.

Тој додаде дека експертите сега имаат податоци кои ќе им помогнат да истражат како рибите можат физиолошки да се прилагодат на таква екстремна средина.

Научниците снимањата ги спроведуваат во океанските ровови во близина на Јапонија како дел од десетгодишното истражување на најдлабоките рибини популации во светот.