Новите изјави на Вархеји и старите пораки на Европа кон Македонија за членство во унијата


Уствари викендов е затишје пред бура! ↓↓↓


Што донесе посетата на премиерот Заев на Брисел? Дали шансите на Северна Македонија за почеток на пристапните преговори со ЕУ се поизвесни по декларирањето на македонските црвени линии и по изјавите дадени од високите претставници на ЕУ?

„Пораките на претставниците на европските институции во текот на посетата на премиерот Заев на Брисел, имаат една заедничка точка: исправање на штетата што ја предизвика претходната изјава на комесарот Вархеји”, оценува д-р Малинка Ристевска Јорданова од Институтот за европска политика (ЕПИ) – Скопје, пренесува во својата статија за ова прашање Дојче Веле.

„Значи – враќање на претходната состојба, односно ставови. Со ново-старите Твитер пораки се потврдуваат претходните ставови: перспектива за регионот, отворање преговори и за Северна Македонија и Албанија, геополитичко значење… Битно е што прашањето на Западниот Балкан останува на агендата – за него е расправано на Советот на ЕУ. Тоа е резултат и на нашиот притисок, кој мора да се одржи, но и на притисокот внатре во ЕУ”, смета Ристевска.

Таа укажува дека единствената официјална изјава по средбите е онаа на високиот претставник за надворешна политика Жозеп Борел, по Советот за надворешни работи.

„Тој потврдува дека најзагрижувачка за нив била ‘ситуацијата во Северна Македонија’, по ‘вестите’ за раздвојување на Албанија и Северна Македонија. Практично го ‘поправа’ Вархеји, велејќи дека ставот останува неизменет по ова прашање. Меѓутоа, во поглед на тоа како ‘ќе туркаат силно’ за да се оствари намерата за одржување на меѓувладина конференција, нема нови идеи. Ја сослушале и Бугарија, и повторно нѐ поттикнуваат и нас и нив итно да најдеме ‘заедничко прифатливо решение’ за да може Преговарачката рамка да се донесе ‘што е можно побргу’. Овде нема ништо ново и не е посебно охрабрувачко, зашто се знае дека просторот за приближување меѓу Македонија и Бугарија е многу мал. Можеби единствената нова поента на Борел е дека политичката одлука за отворање на преговорите е веќе донесена, што би требало поттикнувачки да дејствува на бугарската страна”, вели Ристевска.

Сепак, се чини дека нема промена во досега изложените ставови на европскиот комесар за проширување и соседска политика, Оливер Вархеји.

„Треба да одиме напред со проширувањето и не можеме да губиме повеќе време”, изјавил Вархеји во вчерашното интервју за весникот „Маџар Немзет“.

Како што пренесува унгарската ангенција МТИ, тој во интервјуто потенцирал дека целта на ЕУ останува иста – почеток на преговори со Албанија и Северна Македонија. Притоа додал дека е планирано меѓувладините конференции да почнат во јуни. Во однос на континуираното бугарско вето за почеток на преговорите со Северна Македонија, Вархеји истакнал дека ЕУ вложува големи напори да се реши таа ситуација.

„Aко тие напори пропаднат, ќе мора да го разгледаме покренувањето меѓувладини разговори само со Албанија“, изјавил Вархеји.

Промена нема ни во ставовите на соседна Бугарија, ако се суди според настапот на бугарската вицепремиерка и министерка за надворешни работи во оставка, Екатерина Захариева, на вчерашниот состанок на министрите за надворешни работи.

„Само по себе започнувањето на преговори за членство во ЕУ не е доволно за да ја зацврстиме геополитичката ориентација на Западен Балкан. Неопходно е земјите од регионот да ги почитуваат критериумите на ЕУ и ефикасно да ги спроведуваат потребните реформи, вклучително и да ги прекинат финансираните дезинформациски кампањи против земјите-членки“, порачала Захариева на Советот за надворешни работи.

Според неа, дискусииите за Западен Балкан се исти како и пред четири години, а вината за тоа ја лоцирала кај земјите од регионот кои не напредуваат доволно.

„Се согласувам дека треба почесто да дискутираме на Западен Балкан. За жал, нашите дискусии од пред четири години, кога Бугарија беше претседател на Советот на ЕУ и инсистираше на засилен ангажман со земјите од регионот, беа исти како и денес. Тогаш нашите соседи повторно посочуваа вина во други земји, како оправдување за недоволниот степен на реформи. Загрижува и недостигот на целосен пристап на државите од Западен Балкан кон одлуките и позициите на ЕУ во областа на надворешната и на безбедносната политика“, оценила Захариева .

Таа повторила дека Бугарија е меѓу најактивните и најконзистентни поддржувачи на процесот на проширување со земјите од Западен Балкан и дека ќе продолжи така, но „само доколку тие земји ги почитуваат основните вредности на Унијата”.

Отворено прашање останува како во кусиот рок до јунските самити на ЕУ да се отстрани бугарската пречка за операционализирање на одлуката за почеток на македонските преговорите со ЕУ, кога Скопје нема соодветен соговорник во Софија. Со одделни укази се очекува бугарскиот претседател Румен Радев денеска да го распушти 45-тото народно собрание и да назначи службена влада. Најважната функција на техничката влада ќе биде да ги организира новите избори, но не може да го ажурира буџетот или да зема надворешни заеми.

Според Костадин Филипов, бугарски новинар и некогашен дописник од Македонија, Софија како да нема време да мисли на односите со Скопје.

„Во краткиот век на нашиот нов парламент по изборите на 4-ти април, темата за нашите односи со Скопје воопшто, ама воопшто не беше присутна на неговиот дневен ред. Да не зборувам и дека не забележувам никаков напор, па дури ни навестување дека Бугарија треба да ја преиспита својата позиција за почетокот на преговарачкиот поцесот на Република Северна Македонија за членство во ЕУ. Други теми го тресат нашето општество, други возбуди го колебаат, за да се занимаваме и со тоа“, пишува Филипов.

Во колумната под наслов „Не го убивајте гласникот” објавена во весникот „Труд“, Филипов го критикува односот на официјално Скопје кон Унгарецот што донел лоши вести за Северна Македонија, односно за можноста само Албанија да го почне преговарачкиот процес.

„Веќе мислам дека и Исус Христос, чие Воскресение христијански го одбележавме неодамна, да слезе на Земјата и да го предводи ресорот за проширување и добрососедска политика во ЕУ, во Скопје ќе најдат за што да го прекорат“, напиша Филипов.