Кина и САД не војуваат со оружје, туку со микрочипови


Шанса да станеш YouTuber! Приклучи се! ↓↓↓


Месеци наназад САД се обидуваат со наметнување санкции да ја спречат Кина да увезува и произведува врвни микрочипови.

Микрочиповите се потребни, на пример, за развој на вештачката интелигенција, за патување во вселената и за модерната воена индустрија. На санкциите им се приклучија и Холандија и Јапонија.

Кина, имено, сè уште не може сама да произведува високотехнолошки микрочипови и затоа е зависна од увоз на чипови и машини за нивно производство од странство.

Но, колку санкциите навистина влијаат врз Кина? И каква улога игра Тајван во сето ова?

Цените на чиповите експлодираа

Автономните автомобили веќе една година возат на одредени патишта во јужната кинеска технолошка метропола Шенжен. По коловозот се движат целосно без возач, а со нив има само еден сопатник кој може да интервенира во случај на опасност. Градот со дванаесет милиони жители, кој некои го нарекуваат „Кинеската Силиконска долина“, е дом на некои од најголемите кинески високотехнолошки компании како Хуавеј (Huawei), Тенцент (Tencent) и ЗТЕ (ZTE).

Високите прозорци во ултрамодерниот кварт Наншан се силно осветлени до најгорните катови, дури и доцна навечер. Луѓето вработени во околу 4.000 високотехнолошки старт-ап-и не спијат. Тука се развиваат, истражуваат и експериментираат нови производи.

Една од тие компании е „Елефант Роботикс“ (Elephant Robotics), основана пред седум години. Овој старт-ап експериментира со вештачка интелигенција, а понекогаш користи чипови од странство.

Роботска рака со големина на детска рака подредува шарени дрвени коцки во различни кутии. По команда, роботот може да разликува црвена дрвена коцка од зелена. За американските санкции, Киу Лиша, кој е одговорен за странскиот пазар на старт-ап, вели: „Меѓународните санкции досега имаа одредено влијание врз нас – особено кога почнаа санкциите за микрочиповите, нивната цена експлодираше, па Финансискиот притисок врз нас во тоа време беше многу голем“.

Страв од најсовремените чипови во кинеското оружје

Од октомври минатата година, американската влада воведе нови ограничувања за извозот. Намерата е да се спречи Кина да увезува и произведува најнови високотехнолошки микрочипови. На санкциите им се приклучи и Холандија, која е сопственик на ASML, компанија која произведува машини за производство на чипови. Неодамна им се придружи и Јапонија.

„Мислам дека главната цел е да се осигураме дека Кина не може да користи големи количества од овие специјални чипови за вештачка интелигенција, особено воена вештачка интелигенција“, објаснува Антонија Хмаиди. Таа работи во берлинскиот истражувачки институт „Мерикс Кина“ и го анализира развојот на индустријата за чипови и вештачката интелигенција во Кина.

Хамаиди вели дека Кина сè уште не може сама да произведува чипови со високи перформанси помали од седум нанометри. Меѓународните експерти сметаат дека еден од најголемите предизвици за Кина е замената на машините за производство на чипови – тие доаѓаат од странство, а без нив не е можно производство на најсовремени чипови.

Колку навистина предност има Западот?

Сепак, смета Хмаида, Кина не е целосно беспомошна. „Речиси сè што може да се направи со новите чипови може да се направи и со чиповите од постарата генерација.“ Потребна е повеќе електрична енергија, повеќе ресурси и повеќе пари, но Хмаиди е уверена дека кинеската индустрија ќе најде начини да се справи со санкциите.

Освен тоа, додава таа, не може да се контролираат сите чипови во светот.

„Ако зборуваме за 1.000 или 10.000 чипови, тогаш кинеската компанија која е позиционирана на меѓународно ниво секогаш ќе добие нешто од тоа“, вели берлинската експертка. Во најлош случај, транспортот се одвива низ три земји.

Кинеските експерти како Синг Јукинг, кој моментално истражува во јапонскиот институт GRIPS во Токио, претпоставуваат дека нема да помине долго додека Кина не може сама да произведува чипови со високи перформанси. „Санкциите ќе ги принудат кинеските компании да направат сопствено истражување, за што е потребно повеќе време и пари“, вели професорот по економија.

Сепак, други познавачи на ситуацијата се скептични за ова прашање. Тие нагласуваат дека и конкуренцијата постојано се развива, па не е сигурно дали Кина некогаш ќе успее да го достигне тој развој.

Војната не е во ничиј интерес

Деведесет проценти од најнапредните микрочипови се произведени во Тајван. Кина ја гледа оваа земја како своја територија и постојано се заканува со воена интервенција.

Сепак, Антонија Хмаиди верува дека токму чиповите со високи перформанси би можеле до одреден степен да го заштитат Тајван од воен конфликт. Блокирањето на синџирите за снабдување околу Тајванскиот теснец економски би влијаело на сите, вклучително и на САД, кои обезбедуваат воена поддршка на Тајван.

Дополнително, според Хмаиди, ниту Кина, ниту САД, не се подготвени за воен конфликт:

„Двете страни се уште се многу заинтересирани да не влегуваат во воен конфликт сега.“ И САД и Кина, всушност, веруваат дека сè уште мора значително да ја подобрат својата воена опрема за да бидат сигурни дека можат да победат во евентуална војна, вели германскиот експерт.

Сепак, инцидентот на почетокот на јуни покажува колку е тензична ситуацијата. Кинески воен брод принуди американски разурнувач да го смени курсот во Тајванскиот теснец. Набљудувачите предупредуваат дека ваквите инциденти се се почести и дека тоа може да доведе до некаква ненамерна ескалација.