ФОТО: Второто откровение на Горан Таневски!


Вака се слави гол во 120-та минута!!! ↓↓↓


Синоќа во МКЦ по долг период пауза, љубителите на дарк-рок звукот можеа да сведочат на впечатливиот настап на култниот вокалист на Мизар, Горан Таневски кој со неговиот подмладен состав, промовираше песни од новиот албум кој треба да биде објавен наскоро, а потсети и на легендарните песни од Мизар.

Пишува: Костадин Стојаноски, Фото: Александар Еленин

Самата појава на Таневски на сцената на МКЦ, како времеплов ги врати присутните едно 20-30 години, во периодот кога Мизар ја осветлуваше македонската музичка авангардна сцена, па иако ги немаше другите членови на култниот состав, со неговиот импресивен мрачен и драматичен глас, перформансот на сцената, целокупниот театрален настап, успеа да наметне слика дека не фали никој, притоа воопшто не оставајќи впечаток дека времето оставило некаква трага.

Напротив, Таневски во текот на целиот концерт енергично ја отпеа секоја песна, успевајќи и на помалку певливите стихови да им даде посебен шмек, белег, со што остави траен печат врз мемориите на оние што присуствуваа, како што господата на врата оставаа печат од МКЦ на рацете на присутните.


За разлика од неговите врсници во музиката, кои во таа доба од животот, почнуваат да се препуштаат на помеки тонови, Таневски освен со брчките на лицето, не оддаваше воопшто впечаток дека го немало долг период, или дека е двојно повозрасен од екипата што го следеше: Никола Белковски на тапани, Мартин Ивановски на бас гитара, Марко Цветаноски на соло гитара, Даниел Шилев ритам гитара и Марко Васиљевиќ како музичка поддршка.


Во првиот дел од концертот, Горан Таневски промовираше песни кои треба да се најдат во новиот албум, нешто подоцна потсети на песните од последниот албум што го свиреше заедно со екипата на Мизар – Поглед кон цветната градина, за во последниот дел од концертот да ги остави култните Истекувам, Ходенже, Магла, Униније и Девојка од Бронза.

Концертот кулминираше на самиот крај, со катарзичната изведба на психоделичната Стој, која Таневски ја испеа на начин својствен само за него – целосно внесувајќи се, речиси во транс, како врач кој ги одведе сите што го следеа во некој друг надреален свет.



Потоа се разбира, публиката го врати бендот на бис, за на крајот Таневски да потенцира дека овој концерт не е крај и дека уште долго ќе го има на сцената.


Со овој проект насловен „Мизар – друго откровение“, познатиот вокалист одбележа 35 години присуство на музичката сцена.

Таневски го предводеше „Мизар“ во периодот од 1984. до 1991 година, а според музичките критичари е еден од највлијателните вокали на овие простори.