Европа е во колективен карантин – колку долго општеството може да го издржи ова?


Шанса да станеш YouTuber! Приклучи се! ↓↓↓


Според Политико, европските, па и светските влади, го балансираат зголемувањето на бројот на мртви со потенцијалниот економски колапс.

Владите имаат брутална порака до граѓаните: карантинот поради коронавирусот не може да трае предолго или последиците од економскиот крах би можеле да бидат уште посмртоносни од болеста.

Додека земјите низ целиот свет најавуваат карантини и програми за спас од повеќе милијарди евра, знаат дека можат да понудат само краткорочна помош. Националните лидери со едно око ѕиркаат во календарот и се обидуваат да пресметаат кога ќе треба да им кажат на луѓето да се вратат на работа, дури и ако тоа повторно ја разгори заразата и предизвика големи жртви.

Францускиот претседател Емануел Макрон беше тој што најдиректно ги изрази предизвиците на балансирање на мерките како самоизолацијата и социјалното дистанцирање со императивот за одржување на економијата.

„Невозможно е да се живее – дури и во самоизолација – и да се лекуваат луѓето, ако не ја продолжиме економската активност, која, многу едноставно, ни овозможува да живееме во оваа земја“, рече тој како претседател на „економската работна група“ за справување со епидемијата.

Макрон е и најистакнатиот глас што ги предупредува луѓето дека вакцината нема да биде брзо и веројатно нема да пристигне до крајот на 2021 година. Пораката е јасна: нема да биде можно луѓето да останат дома до тогаш.

Тоа е мачна зделка. Од една страна, мерките за социјално дистанцирање можат да ги минимизираат заразените и починатите, но длабоката економска депресија ќе ги исцрпи државните приходи што плаќаат за јавни здравствени услуги и комунални услуги. Земјите со несреден отпад, со слаби резерви вода и непостојана струја може да се покажат исто толку опасни како вирусот. Проблемот е што, веднаш штом ќе заврши карантинот, заразените и смртните случаи повторно ќе растат.

„Ова е многу тежок чин на балансирање“, рече Мујтаба Рахман, директор за Европа во Евроазија груп, компанија за консултации за политички ризици. „Немаат сите влади кредибилна стратегија за излез“.

„Инфекциите пак ќе растат“

Макрон беше првиот водач на ЕУ што призна дека никој не знае „колку долго ќе мора да го задржиме ова намалување на социјалните контакти“, како што рече во четвртокот.

Тоа е затоа што екстремното социјално дистанцирање што го има во Италија, Шпанија, Франција, Белгија и други земји на ЕУ нема да направи пандемијата да исчезне. Може само да ја забави во обид да спречи болниците да бидат преоптоварени.

Едно истражување од Кралскиот колеџ во Лондон покажува дека епидемиолозите и лекарите веруваат дека дури и најрадикалните мерки за социјално дистанцирање може да обезбедат само привремено стишување.

Веднаш штом владите ќе ги укинат мерките, како што Кина сега прави за да ја спаси својата економија, случаите повторно ќе експлодираат, рече Кристијан Дростен, германскиот виролог што го разви тестот за коронавирусот и ја советуваше германската влада во борбата со оваа болест.

„Како доктор обучен за епидемиологија на заразни болести, можам да го кажам само истото што ќе го кажат и сите мои колеги“, рече тој во поткаст. „Со воскреснувањето на јавниот живот, и инфекциите ќе растат“.

Експертите се согласуваат дека вакцината ќе биде достапна за една година или дури за 18 месеци.

Но одржувањето на социјалното дистанцирање целото тоа време би било неверојатно и веројатно ќе резултира во глобална депресија.

ОЕЦД предвидува дека глобалниот раст ќе се намали на 2,4 проценти во 2020 година, како резултат на пандемијата, што е намалување од прогнозата од 2,9 проценти минатата зима. Под една „подолготрајна и поинтензивна епидемија на коронавирусот“ што се шири низ САД и Европа, глобалниот раст ќе се спушти на 1,5 процент. Студијата на институтот Ифо, со седиште во Минхен, објавена во понеделникот, проценува дека економските загуби во Германија би можеле да се движат од 7,2 проценти од БДП за двомесечен период на нарушеност до 20,6 проценти, според најлошото сценарио за тримесечен прекин.

„Креаторите на политики активно затвораат големи економии. Затоа, степенот на рецесија што го гледаме во еврозоната може да биде 10 проценти од БДП, можеби дури и повеќе“, рече Рахман.

Во одреден момент, едноставно може да стане невозможно да се задржат масовните ограничувања.

Во Модена, Италија, деветмина уапсени го загубија животот во безредија во затвор, некои поради предозирање, веднаш по мерките за карантин во покраината. Бунтовите се раширија во другите затвори во Венеција, Милано, Болоња, Рим, Риети, Неапол, Мели, Палермо. Низ цела Италија сега се распоредува армијата за да ги надгледува мерките за социјално дистанцирање.

Кина реши да се откаже од најрадикалните забрани и да му даде приоритет на економскиот раст во наредните месеци.

„Она што сега се случува во Кина… е дека фирмите се враќаат на работа“, рече Дростен. „Видовме дека карантинските мерки предизвикаа толку голема економска болка што треба да бидат повлечени/намалени“.

„Она што ќе го видиме сега… е дека во наредните недели и месеци повторно ќе експлодира во Кина“, додаде тој.

Тој предупреди дека Пекинг најверојатно ќе се обиде да го држи во тајност секој нов пораст на случаите. „Во блиска иднина нема да гледаме веродостојни информации за случаи од Кина“, рече тој, бидејќи Пекинг „сака проблемот сега да се реши во Кина. Но секако дека нема да се реши“.

Што сега?

За Европа, ова значи дека владите наскоро ќе треба да одлучат како да постапат – и да им го соопштат тоа на своите жители.

Во земјите каде што тукушто почна карантинот, на прашањето „што сега“ се одговара поединечно.

Франција испраќа двојна порака. Дури и додека владата им наредува на луѓето да останат дома, таа веќе пушта повици да се вратат на работа и ги охрабрува деловните субјекти да им дадат еднократна исплата до 1.000 евра за оние што ќе се вратат.

„Ги повикувам сите федерации, сите големи компании… на своите вработени да им ја платат оваа премија од 1.000 евра целосно ослободена од данок“, рече во петокот министерот за економија Бруно ле Маир.

Во Италија, најтешко погодената земја, премиерот Џузепе Конте најави дека карантинот – планиран да заврши на 25 март – ќе биде продолжен, но не даде краен рок. Досега производството не е запрено. По спонтаните штрајкови во фабриките и бродоградилиштата, бидејќи работниците се плашеа од зараза, синдикатите преговараа за безбедносниот протокол за работниците со владата и работодавците.

Но прашањето допрва треба да се реши. Во неделата италијанската влада издаде нов декрет, кој стапи во сила вчера, со кој се запираат сите „ненеопходни“ економски активности, за понатамошно спречување на ширењето на вирусот. Како одговор на тоа, синдикатите се закануваат со генерален штрајк, бидејќи списокот на дозволени активности вклучува производство на трактори и производство на производи од тутун, активности за кои тие тврдат дека не треба да се сметаат за неопходни.

Германската канцеларка Ангела Меркел, каде што викендов беа забранети средби на повеќе од две лица, купува време: „Сè уште нема терапија против коронавирусот ниту вакцина. Сè додека е така, постои само една работа што можеме да ја направиме, а тоа е да се забави ширењето на вирусот, да се протегне на повеќе месеци и на тој начин да се добие време“, рече таа во едно мошне необично национално обраќање.

Досега ниту една влада нема кажано долгорочен план.

Одливи и приливи

Помеѓу економскиот крах и прифаќањето на огромните стапки на смртност од вирусот, може да има трет пат.

Ако тестирањето во наредните месеци стане пошироко достапно, владите може да откријат дека голем процент од населението веќе имало асимптоматска инфекција. Тоа може да биде моментот кога земјите ќе почнат да ги укинуваат мерките за социјално дистанцирање.

Дростен рече дека очекува дека тестовите за антитела – кои ги покажуваат инфекциите од минатото против кои телото има развиено одбрана – ќе станат достапни „во наредните недели“.

Студијата на Кралскиот колеџ во Лондон нуди друг пристап: фаза на наизменични карантини и опуштања во вкупен период од две години, за време на кој владите ќе ги релаксираат мерките за социјално дистанцирање за околу еден месец, на секои три месеци или слично.

Себастијан Мајар, директор на Институтот Жак Делор во Париз, рече дека очекува „уште еден момент на построга затвореност, постепено враќање на функционална економија, а можеби за жал подоцна во годината ќе мора да се вратиме на социјална затвореност сè додека не се добие таа вакцина“.

Истражувачите предупредија дека сите периоди на здивнување ќе бидат кратки. „Социјалното дистанцирање – плус затворањето на училиштата и универзитетите, доколку се користат, треба да бидат во сила во поголем дел од двете години на симулацијата“, напишаа авторите на студијата.

Ова ги остава владите со истата дилема: тие ќе треба да го подготват своето население за застој од една година или повеќе, или за масовни смртни случаи во наредните месеци. Двете опции се мрачни.

Оваа пандемија „ќе има пред и потоа“, рече комесарот за внатрешен пазар, Тиери Бретон. „Се надевам дека човечката цена ќе биде мала. Економската цена ќе биде висока“.