Актуелно

Зошто во САД нема директно гласање на гласачите за претседател?

На 13 декември 2000 година потпретседателот Ал Гор призна пораз на претседателските избори од гувернерот Буш. Еден ден претходно, Врховниот суд на САД го запре долгиот и скап процес на рачно броење на гласовите во Флорида и покрај тоа што Буш водеше со само 537 гласа. Откако Буш ги освои 25-те електорски гласа на државата, тоа му даде 275 електорски гласа и го вивна над потребниот праг.

Овој изборен резултат беше многу необичен, не само поради одлуките на Врховниот суд и неправилно дупнатите ливчиња. Тоа беше само четврти пат во историјата на САД кандидатот да освои повеќе гласови, но да ги загуби изборите – Гор доби 50.996.582 гласа, а Буш 50.456.062. Буш победи поради системот на Електорски колегиум – мошне критикуван и сложен начин на одредување на идниот лидер на Америка.

Како функционира тоа? Зошто Америка го користи Електорскиот колегиум? Зошто едноставното броење на гласовите не е доволно добро за да се избере претседателот на Соединетите Американски Држави? Мкд.мк го пренесува објаснувањето за овој начин на гласање во САД.

Најпрво од сè, спротивно на општото верување, кога Американците ќе излезат на гласање за навидум да гласаат за следниот претседател на САД, тие всушност не гласаат за претседателот. Наместо тоа, тие го даваат својот глас за група електори (избирачи), кои потоа ќе гласаат за претседател, како што сметаат дека треба. За да се сведат на минимум шансите некој да се збуни, наместо луѓето директно да гласаат за електорите, на гласачките ливчиња стои името на кандидатот за претседател за кој групата електори се обврзани да гласаат.

Уште една честа заблуда за претседателските избори во САД е дека претседателот се избира откако ќе се избројат гласовите на народот. Меѓутоа, бидејќи народот технички не гласа за претседател, туку за тоа кој претставник на Електорскиот колегиум да гласа за претседател, претседателот официјално не се смета за избран до претстојниот јануари. Поточно, на 6 јануари актуелниот потпретседател отвора гласање за време на заедничка седница на Конгресот. Токму на таа седница се бројат електорските гласови, кои треба да се поднесат до крајот на декември. Ова може да личи на обична формалност, но постојат голем број сосема легални сценарија во кои може да биде избран друг претседател, а не оној што се чини дека победил откако народот ги избрал електорите.

Значи кои се овие електори што всушност го избираат претседателот и како се избираат тие? Постојат само два сојузни закони што се однесуваат на тоа кој може да биде електор. Првиот доаѓа од Членот II од Уставот, во кој се наведува дека „ниеден сенатор или претставник, ниту лице што врши јавна функција поврзана со менаџирање фондови… нема да бидат назначени за електор“. Второто е одредба закопана во 14-от амандман што вели дека на секој државен службеник што бил вклучен во востание или бунт против Америка исто така му е забрането да биде електор. (За ова Американците можат да ѝ се заблагодарат на Граѓанската војна.) Освен овие две ограничувања, секој може да биде електор.

Што се однесува на тоа кој станува електор, тоа зависи од политичките партии и од тоа како законите на дадената држава го утврдуваат начинот на избор. Но, накратко, политичките партии на секоја држава номинираат група електори што им се исклучително лојални на своите партии. Нивниот број е еднаков на бројот на електорските гласови што ги има државата, кој, пак, е еднаков на бројот на сенаторите (двајца по држава) и на бројот на претставниците (утврдени од населението) што ги има конкретната држава, или во случајот на Округот Колумбија, утврдени тројца електори (благодарение на 23-тиот амандман).

Исто така, потенцијално постои и уште еден мал ризик што мора да се земе предвид кога партијата ги избира своите групи електори – електорот не може да гласа за потпретседател и за претседател од кои обата се од матичната држава на електорот. Целта на ова правило е електорот да не може да гласа за двајца од „омилените синови“ на својата држава. Денес ова очигледно не е проблем за никого сè додека претседателскиот кандидат избира кандидат за потпретседател од друга држава, а не од својата.

На денот на изборите, за претседател од својата држава гласаат групата електори на оној кандидат на политичка партија (било да е Републиканската, Демократската или трета партија) што ќе го добие мнозинство гласови од државата. На пример, во 2012 година жителите на Калифорнија гласаа за 55-те демократи избрани од партијата, кои за возврат ги дадоа сите свои 55 гласа за Обама/Бајден.

(Забелешка: во моментов постојат само два исклучоци од овој пристап „сè или ништо“: Мејн и Небраска, кои го користат окружниот систем, односно електорите ги делат сразмерно со бројот на освоените гласови. Ова потенцијално може да резултира со поделба на гласовите. На пример, во 2008 година Небраска заврши со четири републикански електори и еден демократски.)

Сепак, за сево ова да биде уште позбунувачко и позаплеткано, не постојат федерални закони или уставни одредби според кои електорите би морале да гласаат според резултатот од гласањето на жителите на државата. Меѓутоа, за тоа постојат неколку државни закони; 29 држави (и Округот Колумбија) имаат закони според кои електорите мора да гласаат според тоа што им го наложил народниот глас.

Казните за ова во повеќето случаи не се премногу големи: ако т.н. „нелојални електори“ не ги почитуваат овие државни закони, може да бидат казнети парично или да бидат заменети со други електори. Тука се и останатите 21 држава што немаат такви закони, што им дозволува на електорите да гласаат како што сакаат, наместо како што им наложила јавноста. Се чини дека токму ова било намерата на „татковците“ на Америка.

Треба да се напомене дека, според Националниот архив, повеќе од 99 отсто од електорите досега гласале како што им било наложено и ниеден електор никогаш не бил обвинет или казнет зашто не гласал според народниот глас на неговата држава. Сепак, 22 пати се има случено со 179 електорски гласа нелојалните електори да му се спротивстават на системот. Најновото беше во 2004 година, кога еден електор наводно случајно гласал за Џон Едвардс наместо за демократскиот кандидат за претседател Џон Кери (Кери го избра Едвардс за свој потпретседателски кандидат.) Друг значаен понов пример e во 2000 година, кога електор од Вашингтон ДЦ се воздржа од гласање во знак на протест поради мала застапеност на Округот Колумбија во Конгресот.

И покрај повремените нелојални електори, до денес ниту еден од овие нелојални гласови не бил одлучувачки глас на некои избори. Сепак, имало избори каде што еден единствен нелојален електор можел да биде одлучувачки во изборот на претседател, како во 1876 година, кога Радерфорд Б. Хејс, и покрај поразот на народното гласање, освои 185 електорски гласа наспроти 184-те на Семјуел Тилден.

Значи, зошто САД го користат овој малку заплеткан Електорски колегиум, кога гласањето на народот би било драстично поедноставно и подемократско?

На кратко, тоа било неопходен компромис од времето кога „соединетите држави“ не биле ни оддалеку толку поврзани и соединети како денес, ниту пак јавноста во целина била пристојно образована или добро информирана за разните кандидати.

Ако сакате подетално, Електорскиот колегиум датира од Уставната конвенција во 1787 година во Филаделфија, каде што им била дадена огромна задача да пронајдат решение за главно неефикасните акти на Конфедерацијата. Меѓу многуте прашања што требало да се решат бил начинот на кој ќе биде избиран претседателот на Соединетите Американски Држави.

За да се разбере начинот на размислување на делегатите, потребно е да се знае контекстот. Младата држава имала само 13 држави и жителите главно биле крајно провинцијално наклонети, што значи дека сè уште повеќе ѝ верувале на својата држава отколку на федералната влада. Понатаму, во многу случаи луѓето повеќе се идентификувале како државјани на својата држава, а не пред сè како државјани на Соединетите Држави.

Поради ова, основачите на САД биле загрижени дека граѓаните на секоја држава ќе го стават својот интерес пред националниот. Одозгора на сè, бидејќи граѓаните на секоја држава веројатно многу подобро ги познавале сопствените кандидати од кандидатите од другите држави (за кои повеќето веројатно никогаш немале чуено), екстремно веројатно било дека ќе гласаат за своите сопствени кандидати. Крајниот резултат на ова бил стравот дека победникот во секоја држава најверојатно ќе биде државјанин на таа држава, кој пак ќе има мали шанси за победа, па дури и за да собере каква било поддршка во другите држави.

Ова нè носи до првата опција ставена на маса – избори преку гласање на народот. Иако тоа е подемократско, како што рековме, делегатите биле многу загрижени дека секоја држава потенцијално ќе си избере свој сопствен кандидат, што ќе ги намали шансите кој било кандидат да добие широка поддршка од целата нација. Наместо тоа, тие се плашеле дека ќе има голем број поединечни „омилени синови“ на државите.

Меѓу овие омилени синови, ќе доминирале поголемите држави – како Вирџинија, што ќе резултирало со мали шанси некој од помалите држави некогаш да стане претседател, а со тоа интересите на Вирџинија би биле непропорционално застапени во највисоката национална канцеларија. Во тоа време Вирџинија имала 424.000 жители со право на глас, што било повеќе од Џорџија, Делавер, Северна Каролина, Роуд Ајленд и Њу Хемпшир заедно.

Другата главна предложена опција била едноставен конгресен состанок. И покрај тоа што ова по природа е недемократско, се сметало дека претседателот треба да биде помалку моќен од Конгресот и, според тоа, треба да биде зависен од него. Исто така, се сметало, општата јавност во голема мера е исклучително лошо образована и послабо политички информирана. Конгресните членови, од друга страна, не само што веќе биле избрани да ги претставуваат своите граѓани за такви работи, туку биле и одблиску запознаени со потенцијалните претседателски кандидати, со нивниот карактер, работна етика, политичка наклонетост итн. и генерално биле доста добро едуцирани во споредба со повеќето луѓе. Така, на кратко, членовите на Конгресот едноставно биле најквалификувани да го одберат најспособниот претседател.

На крај овој предлог бил отфрлен поради тоа што се заканувал да го загрози системот на контрола и рамнотежа на федералната влада.

Во суштина – ако претседателот е избиран од Конгресот, а во теорија Конгресот во тоа време бил во многу подобра позиција да го избере најдобриот претседател, оние што сакале да стапат на функцијата постојано ќе воделе кампањи и ќе се обидувале да ги импресионираат тие членови, можеби дури и правејќи услуги на изборите во замена за гласови. Покрај ова, ниеден претседател што сака да биде реизбран никогаш не би му се спротивставувал на Конгресот од страв дека тие подоцна нема да го/ја реизберат. Одвишно е да се каже дека овој систем бил зрел за екстремна корупција. Така, иако во теорија Конгресот најдобро одговарал да го избере најдобриот потенцијален претседател, во практиката тие најверојатно не би го правеле тоа, или и ако го правеле, би имале преголема власт над таа личност.

Така, Комитетот од единаесеттемина за одложени работи го подготвил и го предложил Електорскиот колегиум, систем што делегатите на крај го одобриле. Александар Хамилтон за Електорскиот колегиум рекол, „…ако овој начин не е совршен, во најмала рака е одличен“.

Идејата во суштина била некаков спој од народното гласање и избирањето во Конгресот – тоа било демократско, во смисла дека гласовите на народот потенцијално би можеле да го одредат ставот на државата (во почетокот не го наложувале ова сите државни законодавства), а и го ограничувало влијанието на поголемите земји со доделување дополнителни гласови за помалите држави преку електор за секој од нивните сенаторски претставници.

Што се однесува на тоа зошто ова делумно е компромис за оние што се залагале претседателот да биде избиран од Конгресот, во времето пред политичките партии во САД, постојат докази дека основачите во голема мера претпоставувале дека електорите, кои експлицитно не смееле „да водат канцеларии за менаџирање фондови или остварување профит во Соединетите Држави“ (за да се избегне барем дел од споменатата можна корупција), не би биле обврзани со гласовите на народот во својата држава или со партиската припадност.

Всушност, во најраните избори, повеќе од половина државни законодавци ги одбирале своите претседателски електори без да го земат предвид гласањето на народот, право што државните законодавци сè уште технички го имаат задржано, но е практика што замрела околу крајот на 19 век.

Освен можноста да не се почитува народниот глас во одбирањето која група електори ќе гласаат за претседател, ако некоја држава навистина сакала, таа можела дури да реши да одбере група електори преку нешто сосема произволно, како ставање еден куп глувци во лавиринт, од кои секој глушец би претставувал по еден кандидат за претседател, а победничкиот глушец би одредил која група електори се избрани.

Се разбира, на ниедна држава воопшто не ѝ паднало на памет да направи нешто толку невообичаено. Сепак, неколку држави неодамна почнаа да се здружуваат за да ја употребат својата моќ на избирање електори за потенцијално да можат да го занемарат изборот на сопствените граѓани.

Во секој случај, од 1790 година, заедно со другите делови од Уставот, Електорскиот колегиум бил ратификуван од сите 13 држави и во поголем дел случаи резултирал со многу малку контроверзии или јавна осуда поради промената на оригиналниот систем. Всушност, Електорскиот колегиум има претрпено само неколку мали измени од 1790.

Најзначајната измена се случила по изборите во 1800. Во тоа време секој електор давал по два гласа, еден за еден претседателски кандидат и друг глас за друг претседателски кандидат. Лицето со најмногу гласови станувало претседател, а вториот човек со најмногу гласови станувал потпретседател. За да се осигури ова, барем во теорија, вториот најквалификуван поединец станувал заменик-претседател – спремен да интервенира ако нешто ѝ се случи на најквалификуваната личност – претседателот.

Денес лицето што потенцијално би интервенирало ако нешто му се случи на претседателот не го избираат членовите на Електорскиот колегиум, ниту пак граѓаните на САД, туку е избрано од самиот претседател – најнедемократскиот можен избор. Како што сенаторот Семјуел Вајт од Делавер забележал кога била направена оваа измена, потпретседателот сега се избира не врз основа на квалификациите на поединецот за таа функција, туку ако „тој со неговото име, со неговите врски, со неговото богатство, со неговата локална ситуација, со неговото влијание, или со неговите интриги, најдобро го промовира изборот на претседател…“

Е па што е она што поттикнало промени во Електорскиот колегиум, што не е лесна работа со оглед на тоа што е потребна измена на Уставот? Главно подемот на политичките партии. Во 1800 година и Томас Џеферсон и Џон Адамс се бореле за претседателската функција, а секој од нив си имал свој претпочитан потпретседател во рамките на својата партија – некој вид нов концепт. Ова претставувало проблем во случај сите електори на одредена партија да гласаат за обајцата, на пример, Томас Џеферсон и неговиот предлог за потпретседател, Арон Бур. Ако тоа се случело, резултатот во трката за претседател ќе бил нерешено. Тоа и се случило.

Следувале 36 круга гласање во Претставничкиот дом за да се добие победник (членовите на противничката партија ги дозаплеткале работите гласајќи за Бур само за да биде поразен нивниот најомразен ривал, Џеферсон). Имало дури и закани дека се формира милиција да маршира кон главниот град за да притисне за избор на Џеферсон, пред да биде избран Џеферсон, кој секогаш се сметал за најдобро решение од неговата партија пред Бур.

Како последица на тоа, бил донесен 12-тиот амандман. Ова значи дека секој електор добил два гласа, како и дотогаш, но наместо обата гласа да бидат за можниот претседател, едниот глас би бил за претседател, а другиот за заменик-претседател, со што речиси се оневозможило потпретседателскиот кандидат да може да биде избран за претседател. („Речиси“, затоа што, како што покажа серијата „Потпретседателката“, тоа сепак е можно да се случи).

Освен овие работи, повеќе од двесте години подоцна, Електорскиот колегиум сè уште во суштина е истиот процес каков што бил првиот ден. Иако денес е малку застарен од аспект на федералната и државната наклонетост на Американците, тоа е процес што во голем дел преживеал бидејќи е релативно тешко да се измени Уставот на САД, а и, во целина, системот функционира многу добро, не предизвикувајќи ни оддалеку толку многу контроверзии како кога би се менувал Уставот.

Следствено на ова, по мошне контроверзните избори во 2000 година меѓу Буш и Гор, имаше обиди да се измени системот на Електорски колегиум без да има потреба да се менува Уставот. Како би било можно ова? Сето тоа се сведува на фактот дека на државите им е дозволено да ги избираат своите електори како што сакаат, а не само врз основа на принципот „победникот зема сè“ од гласовите на народот.

За таа цел, во разни држави беа предложени неколку закони за да се измени изборот на електори. Во повеќето случаи, овие закони тежнееја да се премине на окружен систем, наместо „победникот носи сè“. До денес, малку од ова е остварено, зашто повеќето од оние што му се противат на системот на Електорски колегиум сакаат систем на народно гласање низ целата нација, за што навидум е потребен уставен амандман… или не?

Излегува дека постои начин да се заобиколи ова, преку системот на народно гласање на ниво на целата нација. Ова е интелигентен предлог со кој секоја држава што ќе се приклучи се согласува да му ги даде сите електорски гласови на кандидатот што ќе победи на народното гласање на ниво на целата нација, кој и да е тој, наместо на победникот според народните гласови на ниво на поединечната држава. Во некои случаи, ова може да значи дека во избирањето електори законодавниот дом на една држава ќе оди против гласовите на своите граѓани.

Во моментов 11 држави го имаат прифатено овој систем, со вкупно 165 електорски гласа. Ако се добијат уште 105 електорски гласа (што е вкупно 270), системот ќе стапи во сила, и САД, иако сè уште го користат системот на Електорски колегиум, ќе почнат својот претседател да го избираат преку електори врз основа на народното гласање на ниво на целата нација – без да има потреба за уставна измена.

Advertisements
Click to comment

You must be logged in to post a comment Login

Leave a Reply

To Top