Животна приказна како на филм: Бегаше со чамец од Африка, просеше во Италија – сега потпишува за Интер


Вака се слави гол во 120-та минута!!! ↓↓↓


Мамуд Кулибали е на прагот да стане голема фудбалска ѕвезда, а за да дојде до тој стадиум мораше да помине многу тежок и мачен животен пат.

Претседателот на Пескара, Даниеле Себастијани потврди дека нивниот најдобар играч Кулибали ќе стане играч на Интер.

На младиот Сенегалец му остануваат уште две години од договорот, но благодарение на феноменалната умешност со која се истакна минатата сезона, се најде на мета на многу клубови. Во март оваа година потпиша договор, откако шест месеци тренираше со тимот. Одигра девет натпревари во Серија А и беше најсветла точка во сега веќе второлигашот Пескара.

Во февруари наполни 18 години, а неговата приказна како дојде до тоа да заигра за големиот Интер е буквално филмска.

Пред две години Кулибали побегна од својата куќа во Сенегал и преку Мароко, со чамец, тргна кон Европа. Не бегаше од сиромаштија или војна, бидејќи неговото семејство живееше и живее сосема пристојно. Неговиот татко работи како учител и не му давал поддршка кога Мамуд ја искажал својата страст кон фудбалот. Затоа, тогаш 16-годишниот Кулибали одлучува да си замине од дома, па само со ранец на грбот ризикува сè поради фудбалот, па дури и животот.

„Му се јавив само на својот најдобар пријател и тоа е тоа. Го исклучив телефонот, со месеци не сакав да се чујам со никој. Во Сенегал сите мислеа дека сум мртов. Мојот татко мене не ме гледаше во фудбалот, тој е учител и за него образованието е на прво место. Го ризикував животот поради фудбалот, но тоа го направив поради своето семејство. Сега сум во можност да им помогнам“, вели Кулибали.

Спиел и просел на улица, го излагал лажен менаџер

„Некое време спиев на улица, а додека патував за Европа со чамец, најлошата работа беше тоа што не знам да пливам. Доколку излезеа некакви проблеми на патот, или бродот се превртеше, со сигурност ќе загинев“, ја продолжува својата животна приказна ова храбро момче.

„Во Мароко спиев на пристаништето, немав пари за патување со брод. После неколку дена ме забележа еден човек кој работи на брод и му реков дека сакам да одам во Европа. Тој успеа да ме префрли до Франција, патував со 20 непознати луѓе и тоа беше опасно искуство. А толку далеку заминав само поради фудбалот“, додава Мамуд.

После Франција се спуштил до Италија, каде веднаш бил измамен.

„Најтешко ми беше на почетокот, кога стигнав во Ливорно. Лажен менаџер ме одведе да се запознаам со екипата, за следното утро да се разбудам во хотел, а него да го снема. Немав пари, не знаев кому да му се обратам бидејќи не знаев италијански јазик. Наредните денови спиев на улица и бев среќен ако некој минувач ми дадеше сендвич за да не останам гладен“, се потсетува играчот за врска.

Вели дека не се вреѓа што го викаат „човекот чамец“ во Италија која се бори со расизмот. Од Ливорно се упатил кон Рим, бесплатно, со воз, бидејќи му кажале дека таму има многу Сенегалци.

„Заминав по погрешен пат и застанав во Розета. Спиев на игралиште. Ме одведоа во дом за незгрижени, од каде се обидов да се докажам во Чезена, Сасуоли, Рома и Асколи. Никаде не поминав“, вели тој.

На ред дојде Пескара, која му го спасила животот давајќи му шанса во младата екипа. Иако семејството го нема видено откако побегна од дома, татко му веќе сè му простил.

„Денес разговараме секојдневно и тој е среќен. Ми се извини што не веруваше во мене“, вели Кулибали.