Актуелно

ВМРО-ДПМНЕ: Не е постигнат договор со ДУИ – Нови избори се зрело решение!

ВМРО-ДПМНЕ соопшти дека не е постигнат договор за коалицирање со партијата ДУИ. Од партијата на мандатарот Груевски, исто така информираат дека очигледно некој сака да се занемари волјата на мнозинството граѓани и да ја втурне Македонија во некоја нова неизвесна фаза од нејзиниот развој.

Следува интегрален текст од соопштението на ВМРО-ДПМНЕ:

„ВМРО-ДПМНЕ ја информира јавноста дека договор за коалицирање со партијата ДУИ не е постигнат.

ВМРО-ДПМНЕ заедно со коалицијата „За подобра Македонија“ како победник на последните избори која доби најголема поддршка од граѓаните и освои најголем број гласови и пратеници, смета дека формирањето на Влада треба да биде во функција на затворање на политичката криза, а не нејзино продлабочување и смета дека одржувањето на нови избори е зрело решение, а во функција на надминување на кризата и поставување на реформските приоритети во прв план.

Секое друго решение само ќе доведе до нова конфликтност и проблеми во и онака поделеното општество и нема да биде во функција на одржливост и остварување на било чии програмски цели.

Очигледно некој сака да се занемари волјата на мнозинството граѓани и да ја втурне Македонија во некоја нова неизвесна фаза од нејзиниот развој. ВМРО-ДПМНЕ останува на своите принципиелни позиции по однос на стратешките прашања од државен и национален интерес и Прогласот усвоен на 17 декември 2016-та година“.

Advertisements
To Top