
Дејвид Бореаназ се појавува во нов тизер за претстојната серија „Досиејата на Рокфорд“ (The Rockford Files). Во современата верзија на класичната серија, 57-годишниот актер ја презема улогата на Џим Рокфорд.
Тизерот што го објави Ен-би-си е осмислен како реклама за услугите на приватниот детектив. Во него се наведува телефонска линија на која гледачите навистина можат да се јават.
Во описот на видеото, телевизијата соопшти дека линијата (760) JIM-ROCK е активна и дека преку неа обожавателите можат да добиваат ексклузивни новости од Џим Рокфорд.
Идејата е инспирирана од пораките на телефонската секретарка во оригиналната серија. Оние што ќе се јават можат да слушнат порака од Бореаназ и да се пријават за новости за серијата преку СМС.

Каква приказна носи „Досиејата на Рокфорд“?
Откако добива условен отпуст по издржување затворска казна за злосторство што не го извршил, Џејмс Рокфорд повторно почнува да работи како приватен детектив. Со својот шарм и досетливост решава случаи низ Лос Анџелес. Но, неговиот обид да работи во рамките на законот набрзо го става на нишан и на локалната полиција и на организираниот криминал.
Покрај Бореаназ, во серијата играат и Михаела Мекманус, Илфенеш Хадера и Џеки Вивер.

Кога почнува емитувањето?
Првата епизода ќе биде прикажана како специјална најава во сабота, на 2 јануари, по преносот на натпревар од НФЛ на Ен-би-си, во 20 часот по источноамериканско, односно во 17 часот по пацифичко време. Следниот ден ќе биде достапна и на стриминг-платформата „Пикок“.
Редовното емитување на Ен-би-си ќе започне во четврток, на 7 јануари, во 20 часот по источноамериканско и по пацифичко време.
Извор: Just Jared