Сара Дру објасни зошто третата сезона на „Убиства под имелата“ почнува со временски скок и најави нови промени во приказната. Во премиерната епизода, прикажана во четвртокот, на 5 ноември, Емили, сопственичката на продавница за божиќни украси што ја игра Дру, го напушта Флечерс Гроув на речиси една година, откако во нејзиниот живот повторно се појавува поранешното момче Арон, кого го толкува Арон Ешмор.
„Временскиот скок е неопходен затоа што Емили мора да замине од градот за да се справи со нешто од минатото што повторно испливало, а за кое се чувствува одговорна“, објасни Дру. „Затоа извесно време ја нема. Потоа се враќа, кога повторно сме во божиќна атмосфера, и се обидува да ги разреши работите.“
Иако тоа создава нова пречка за љубовната врска меѓу Емили и детективот Сем, актерката во разговорот за Ју-ес викли порача дека не треба да се губи надежта.
„Никогаш не губете надеж. Она што ми се допаѓа во оваа сезона е што многу подлабоко ги истражуваме нивните односи. Влогот е уште поголем, а приказната има повеќе слоеви“, рече таа.

„Минатата сезона повеќе се вртеше околу прашањата: дали таа ќе му дозволи да ѝ се приближи и дали некогаш ќе бидат искрени еден со друг? Само така можат да продолжат понатаму. Тогаш прашањето беше дали ќе бидат заедно, а оваа сезона е за тоа како ќе успеат да бидат заедно“, додаде Дру.
Актерката најави и други изненадувања. „Пречките се уште поголеми, пострашни и поинтензивни, многу полични и многу поблиски до нивниот сопствен живот. Чувствата се тука, но прашањето е како да направат врската да успее“, рече таа.
„Убиства под имелата“ е заснована на истоимената аудиосерија на Кен Куперус за платформата „Аудибл“. Приказната следи жена која се преселува во мало гратче во северниот дел на сојузната држава Њујорк и купува продавница за божиќни украси што работи во текот на целата година. Откако во градот се случуваат низа убиства, Емили почнува да ги истражува злосторствата заедно со Сем.
Серијата е еден од повеќето проекти на Дру, покрај „Џими“ и работата на сценарио за уште еден филм, по успехот на „Каубојска божиќна романса“ и „Столарска божиќна романса“. Во разговорот актерката се осврна и на тоа како верата ѝ помогнала во професионалниот живот.
Извор: US Weekly