СЗО алармира: Европа повторно е епицентар на пандемијата од Ковид-19


Како е да се биде професионален Counter-Strike играч! ↓↓↓


Европските земји се соочуваат со нови дневни рекорди на зараза со ковид-19 и Светската здравствена организација (СЗО) предупредува дека таквата висока стапка на пренос може да доведе до половина милион дополнителни смртни случаи на континентот до февруари.

Темпото на пренос на вирусот во Европа е „многу загрижувачко“, соопшти Светската здравствена организација (СЗО), а таквата висока стапка на пренос може да доведе до половина милион дополнителни смртни случаи во Европа до февруари.

„Повторно сме епицентарот“, рече директорот на СЗО за Европа Ханс Клуге на видео-конференција, пренесе Ројтерс.

„Сегашното темпо на зараза во 53 земји во европскиот регион е многу загрижувачко (…) ако останеме на тој пат, би можеле да имаме уште половина милион мртви предизвикани од ковид-19 до февруари“, рече тој.

Германски рекорд воочи состанокот на министрите за здравство

Германија во четвртокот потврди нов дневен рекорд со 33.949 новозаразени, што е најголем број од почетокот на пандемијата минатата година.

Дневниот рекорд беше објавен воочи дводневниот состанок на министрите за здравство на германските сојузни покраини што започнува во четврток.

Можно е растот на бројот на заразени да е поттикнат од празникот во делови на Германија во понеделникот, што беше причина за доцнење во собирањето податоци.

Претходниот најголем број заразени во Германија беше на 18 декември со 33.777 случаи.

Хелге Браун, директорот на канцеларијата на канцеларката Ангела Меркел, рече дека германските сојузни покраини треба побрзо да ја вакцинираат постарата популација со третата или т.н. бустер доза.

„Тоа требаше да се случи одамна“, изјави тој за ЗДФ во четвртокот.

Во средата, само 6,7 отсто од Германците постари од 60 години примиле бустер доза, според Институтот за заразни болести Роберт Кох.

Во Унгарија 6.268 новозаразени

Унгарските здравствени власти во четвртокот потврдија дека во изминатите 24 часа се регистрирани 6.268 нови инфекции со коронавирус, што е двојно повеќе од податоците за заразените во средината на минатата недела.

Држава со 10 милиони жители, Унгарија потврди 31.101 смртни случаи од почетокот на пандемијата.

5,74 милиони Унгарци се целосно вакцинирани против коронавирус, што е под просекот на Европската унија.

Полски рекорд највисок од април

Полска објави 15.515 дневни инфекции во четвртокот, соопшти Министерството за здравство, што е најголем број од април.

Потврдена е смртта на 250 лица поврзана со ковид.

До денес, Полска, која има околу 38 милиони жители, потврдила 3.060.613 заразени со коронавирус и 77.395 починати од почетокот на пандемијата.

Романија – 489 починати за 24 часа

Во изминатите 24 часа романските здравствени власти потврдија дури 489 смртни случаи од последиците на коронавирусот, соопшти Групата за стратешка комуникација (ГКС), повикувајќи се на податоци со кои располага Националниот центар за координација и управување со интервенции.

Се додава дека во истиот период Романија потврдила 8.971 случај на новозаразени.

Словачка – 79 отсто од хоспитализираните не се вакцинирани

Словачка, исто така, потврди највисок дневен број на новозаразени во четвртокот. Министерството за здравство во четвртокот наутро соопшти дека 6.713 лица се новозаразени со коронавирусот.

Според денешните податоци, во таа земја од 5,5 милиони луѓе 1.890 пациенти се хоспитализирани, од кои 327 се во тешка состојба.

Од хоспитализираните, 79 отсто не биле вакцинирани, додава министерството.

Во Русија нов рекорд на починати од ковид-19

Бројот на починати од ковид-19 достигна нов рекорд во четвртокот во Русија – 1.195 во новиот бран што ги принуди властите да воведат задолжителен прекин на работата за сите.

Рускиот стожер за пандемија објави 40.217 новозаразени во изминатите 24 часа, вклучително и 6.305 во Москва.

Украина

Бројот на заразени со ковид-19 во Украина надмина 3 милиони со повеќе од 70.000 смртни случаи, објави во четвртокот Министерството за здравство. За 24 часа се потврдени се 27.377 новозаразени, што го надмина претходниот дневен рекорд од 26.870 заклучно со 29 октомври.

Потврдени се нови 699 смртни случаи од ковид-19, соопшти министерството во земјата, каде бројот на починати сега е 73.888.

Украина се соочува со раст на бројките во последниве денови, па владата воведе строги мерки на затворање за да го намали ширењето на заразата, но стотици луѓе во средата го блокираа сообраќајот во центарот на главниот град Киев, протестирајќи против ограничувањата и задолжителното вакцинирање.

Вакцинацијата стана задолжителна за вработените во некои државни служби, а во областите од „црвената“ зона, вклучително и Киев, само на вакцинираните лица или на оние со негативни резултати од тест за ковид им е дозволен влез во ресторани, спортски сали и јавен превоз.

Украина заостанува зад другите европски земји во вакцинацијата против коронавирус оваа година и сега се обидува да ја убеди скептичната јавност да се вакцинира.