Стравична трагедија во Тетово: Изгоре модуларниот Ковид-19 центар – најмалку 10 загинати


Кој ќе тепа на Ел Класико!? ↓↓↓


Стравична трагедија ги потресе Тетово и Македонија откако во пожар целосно изгоре модуларната болница за пациенти хоспитализирани со Ковид-19 во кој најмалку 10 лица го изгубија животот.

Министерот за здравство Венко Филипчре, кој моментно е во Тетово, каде што заседава Кризниот штаб, објави дека досега има потврда за 10 жртви, но дека бројката може да порасне. Тој изрази сочувство до семејствата и апелираше до медиумите да не шпекулираат со бројки, затоа што сите потврдени информации ќе бидат навреме споделени со јавноста.

„Пожарот е веќе изгаснат и сите тимови од болницата се мобилизирани да им дадат помош на повредените. Тие итно се траснспортираат во Скопје за да им се даде соодветна нега, тимовите на Клиника се мобилизирани. Наскоро ќе излеземе со нови информации. Лекарите се борат за животите на повредените. Да им посакаме среќа и да останеме со мислите со нашите сограѓани вечерва. Апелирам до медиумите и граѓаните да не се шпекулира со бројките. Сите потврдени информации навреме ќе ги споделиме“, напиша Филипче на Твитер.

Сашо Трајчевски, заменик-командир на тетовската противпожарна единица, за Алсат изјави дека се вадеа и жртви додека се гасеше пожарот, а пламените јазици беа огромни бидејќи модуларна е болницата и има пластика.

„Во 21 часот и 2 минути е пријавено дека гори модуларната болница во Медицинскиот центар во Тетово. Екипите, за 3-4 минути, нема повеќе, се пристигнати на лице место. Со околу 7 возила и над 30 пожарникари е учествувано од двете страни. Кога се екипите пристигнати беше целото во пламен. Значи тоа е внатрешно (почнато), не е надворешно. Се што е од наша страна е употребено. 21.30 е локализиран пожарот. Во 21 и 45 е ликвидиран комплетно“, рече Трајчевски.