Смртта на кралицата Елизабета Втора – момент кога историјата на кратко запре


Кој ќе тепа на Ел Класико!? ↓↓↓


Смртта на кралицата Елизабета Втора, владетелка, лидерка и симбол на британската нација која почина вчера на 96-годишна возраст, после седум долги децении владеење, е момент во кој историјата накратко запре, објави Би-би-си. Британската кралица Елизабета Втора беше на тронот од 25-годишна возраст, а огромно мнозинство Британци никогаш во животот не познавале друг владетел.

Таа почина мирно попладнево во замокот Балморал.

Нејзината смрт очекувано предизвика шок во Британија. Стотици луѓе веќе се собираат пред Бакингемската палата и тагуваат. Нејзината последна јавна должност беше два дена пред нејзината смрт кога ја назначи Лиз Трас за нов премиер, нејзин 15-ти премиер.

Знамињата се на половина копје на нејзините палати и на сите владини згради. Кралицата Елизабета Втора беше најстариот владетел во светот и воедно најдолго на тронот. Таа владееше од смртта на нејзиниот татко, кралот Џорџ Шести, во февруари 1952 година.

Седна на тронот во времето на Черчил и Сталин

Ројтерс вечерва пишува дека нејзината смрт означува крај на една ера, Гардијан ја нарекува „непроменлива величина“, а Би-би-си пишува дека вечерва историјата накратко запрела.

„Искрено ветувам дека ќе ви служам, како што многумина ветија дека ќе ми служат мене. Цел живот ќе се трудам со сето мое срце да бидам достојна за вашата доверба“, им вети таа на своите „поданици“ по крунисувањето.

Таа стана кралица во време кога Британија контролираше голем дел од својата поранешна империја. Земјата тогаш воскреснуваше од уништувањето предизвикано од Втората светска војна. Винстон Черчил беше премиер, Сталин владееше со Советскиот Сојуз, а беснееше Корејската војна.

Во децениите што следуваа, Елизабета беше сведок на огромни политички промени и општествени пресврти и дома и во странство. Таа беше сведок и на турбуленции во сопственото семејство, особено на разводот на нејзиниот син Чарлс и неговата прва сопруга Дајана, што се случуваше пред очите на јавноста.

И додека за Британците таа остана постојан симбол на стабилност и континуитет во турбулентни времиња, Елизабета исто така се обиде да ја приспособи древната институција на монархијата на модерното време. „Таа успеа да ја модернизира и еволуира монархијата како никој друг“, вели нејзиниот внук, сега престолонаследник Вилијам.

Рекорди

Елизабета беше четириесеттата на тронот во кралската линија што датира од норманскиот владетел Вилијам Освојувачот, кој ја освоил Англија во 1066 година.

Нејзиното долго владеење значи и дека неколку пати соборувала рекорди на британските владетели. Кога по 63 години владеење го надмина претходниот рекорд на нејзината прапрабаба кралицата Викторија, таа изјави дека тоа е подвиг кон кој никогаш не се стремела.

Нејзиниот брак со принцот Филип траеше 73 години, до неговата смрт во април минатата година. Имаа четири деца Чарлс, Ана, Ендрју и Едвард. Таа никогаш не давала интервјуа, што многу критичари го сфаќаа како знак дека е далечна и студена. Ова, сепак, не е мислење на мнозинството нејзини поданици, кои ѝ се восхитуваа и ја почитуваа.

„Мислам дека нејзината смрт ќе биде огромен шок, повеќе отколку што мислат многу луѓе. Мислам дека не претерувам дека тоа ќе биде речиси некаков национален нервен слом“, вели историчарот Хуго Викерс.

Тој тврди дека нејзиното владеење нема да биде надминато. „Искрено, да живеевме илјада години, веројатно нема да доживееме вакво нешто.“