Сер Атенборо апелира: Коронавирусот е закана за борбата против климатските промени


Кој ќе тепа на Ел Класико!? ↓↓↓


Славниот британски природонаучен историчар и водител на документарци за природата, сер Дејвид Атенборо изјави дека пандемијата на коронавирусот ѝ се заканува на борбата против климатските промени бидејќи ги одалечува луѓето од тежината на опасноста во која се наоѓа животната средина.

„Загрижуваат откажувањата и одложувањата на бројни преговори и настани фокусирани на климата на високо ниво како Конференциите на Обединетите нации за климатските промени, познати како КОП26“, кажа Атенборо разговарајќи со климатската активистка Грета Тунберг на виртуелен филмски фестивал за дивината.

„Загрижен сум дека луѓето ќе го свртат вниманието од еколошкиот проблем поради непосредните проблеми кои ги имаат со ковид-19“, кажа 94-годишниот Атенборо, познат како автор на документарните серии на Би-би-си за природата Колекција на животот и Планета Земја.

Пандемијата на коронавирусот, која зарази повеќе од 40 милиони луѓе и уби 1,1 милион луѓе низ светот, според податоците на Ројтерс, расте по втор или трет пат во низа земји, вклучувајќи ги САД, Индија и Бразил.

Таа се случува во време кога светот се бори со невидени невремиња, шумски пожари и суши поврзани со климатските промени, тврдат експертите.

Зборувајќи од својот дом во Лондон, Атенборо позитивно го оцени и пофали успехот на Тунберг во обединувањето на светската младина која бара акција.

„Ако постои некаков знак на надеж, а да бидам искрен постои во споредба со она што се случуваше пред 25 години, тоа е поради ова што вие го правите за младите луѓе“, кажа тој.

„Светот многу ви должи и се надевам дека не плаќате превисока цена за тоа, а од она што го кажувате изгледа дека добро се носите со тоа.

Шведската тинејџерка првпат привлече внимание кога сама почна протест пред шведскиот парламент во 2018 година и стекна меѓународна репутација, заземајќи централно место на настани во ОН и на Глобалниот економски форум во Давос.

За возврат Грета Тунберг го пофали најновиот документарец на Атенборо на Нетфликс, Животот на нашата планета, кажувајќи дека „ги поврзал сите прашања, како климатската криза, губењето на биодиверзитетот, губењето на почвата и претераниот риболов“.

На Атенборо вчера му беше искажана чест од страна на британската влада која својот нов поларен брод го именуваше по славниот природонаучен историчар.