Владата не го продолжи директорскиот мандат на Тозија во Агенцијата за филм


Шанса да станеш YouTuber! Приклучи се! ↓↓↓


На синоќешната владина седница, Владата донесе одлука да не му го продолжи мандатот на директорот на Агенцијата за филм, Горјан Тозија.

Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) уште на 23 јули ја повика Владата да побара одговорност од Тозија. Пред неколку дена Владата одговори дека не е надлежна да го разреши в. д. директорот на Агенцијата за филм Горјан Тозија. Во член 16 од Законот за филмска дејност пишува дека Владата го именува и го разрешува директорот на Агенцијата за филм.

ДКСК заклучи дека Тозија ги прекршил процедурите во постапките согласно Законот за филмска дејност.

„Ние поднесовме иницијатива согласно член 17 од Законот за спречување корупција и судир на интереси во врска со постапувањето на в. д. директорот Горјан Тозија на Агенцијата за филм, со која побаравме одговорност, меѓутоа во самата иницијатива, во следниот пасус напишавме дека таа одговорност што ја бараме од Владата да утврди е всушност да го разреши согласно член 16 од Законот за филмска дејност.

Добивме одговор во предвидениот рок од 60 дена, во кој Владата нѐ информира дека ја разгледала нашата иницијатива, дека во меѓувреме поради пандемијата, техничка влада итн, не именувала друг директор, т. е. не распишала оглас бидејќи би требало да се распише оглас, но нигде не наведува дека ќе го разреши в. д. директорот Тозија. Конечно во последниот пасус на одговорот пишува дека одгoворноста, онака како што сме ја побарале, е предмет на позитивното законодовство во земјава и дека е тоа во надлежност на други органи. Ние сметаме дека токму Владата е надлежна да постапи, бидејќи Владата, согласно членот 16 од Законот за филмска дејност го именува и го разрешува директорот на Агенцијата за филм. Така што, ние оваа претставка, иницијативата и одговорот ги доставивме до вицепремиерот за корупција Љупчо Николовски и очекуваме одговор што понатаму ќе се случи“, одговорија пред неколку дена од ДКСК.

Мандатот на Горјан Тозија како директор на Агенцијата за филм истече на 4 август. Tој на 24 јули изјави дека од Владата побарал продолжување на мандатот.

Транспаренси интернешнел Македонија“ на 6 јули до Основното јавно обвинителство во Скопје поднесе кривична пријава против Тозија за незаконските исплати од Агенцијата. Кривичната пријава е за сторено кривично дело злоупотреба на службената положба, казниво по член 353 став 1 и 5 од Кривичниот законик, а во врска со член 34 од Законот за филмската дејност.