Семејството во доба на пандемија


Шанса да станеш YouTuber! Приклучи се! ↓↓↓


Вонредната ситуација која се наметна по прогласувањето на пандемијата на COVID-19 во нашата држава претставува стресна ситуација за многу луѓе. Социјалната изолација, стравовите и вознемиреноста може да предизвикаат силни емоции кај сите членови на семејството. Вообичаената рутина на децата и возрасните е нарушена, потребно е да се воспостават нови навики за кратко време, а движењето надвор од домот е ограничено и контролирано.

Како се справуваат семејствата со оваа неочекувана ситуација?

Социјално дистанцирање. Физичко, но не и виртуелно. Комуникацијата со пријателите и роднините во овој период на изолација изгледа како љубов на далечина. Се слушаме почесто отколку претходно, спонтано или со закажани термини на некоја од платформите за онлајн разговори. Интровертен или екстровертен, човекот е социјално битие и оваа светска криза докажува дека луѓето претпочитаат да останат поврзани, да ги споделуваат емоциите и секојдневието наместо да живеат осамен живот кој што ни го наметна современиот стил на живеење и процесот на индивидуализација.

Поврзете се со другите е токму една од препораките на Светската здравствена организација (СЗО) за совладување на стресот во периодот на изолација. Разговарајте со луѓе кои ги чувствувате блиски, на кои им верувате и кои се грижат за вас.

Семејството во карантин. Сите постепено се адаптираме на „карантинскиот живот“, впрочем и немаме друга алтернатива. Активностите кои претходно беа мета на критика, сега се препорачуваат: видео-игри, време поминато пред екраните, виртуелна комуникација, ограничено време поминато на отворено итн. По напливот на онлајн активности, претстави, концерти, е-книги, фитнес  вежби, рецепти и што уште не, полека се осврнуваме кон себе си и нашите најблиски. Сега сфаќаме дека единствено сакаме да бидеме живи и здрави, ние, нашите партнер(к)и, родители и деца. Семејството како никогаш до сега не било поважно.

Реорганизација. Една од најтешките задачи за семејствата претставува организацијата на времето согласно различните потреби на родителите и децата: работата, одржувањето на домот, училишните задачи и играта се соединуваат во еден простор. Но, наместо квалитетно време поминато со семејството, сега сме сите постојано заедно. Можни се кавги со партнер(к)ите, губење на трпението, како и недостаток на време посветено на самите себе. Затоа, потребно е да се воспостават нови навики и ритуали за да се одговори на потребите на сите членови на семејството. Пред сè, треба да се одвои време да им се објасни новонастанатата ситуација на децата според соодветната возраст. За најмалите важно е да се воспостави нова рутина на активности и истата да се одржува доколку околностите тоа го дозволуваат. Повозрасните деца да продолжат да комуницираат со пријателите и роднините, да се најде простор за едукативни задачи, но и за одмор и слободни активности (читање, гледање телевизија, филмови, спорт, движење и друго). Конечно, и родителите треба да најдат начин како да посветат малку време на себе: одмор, медитација, слушање музика и слично. Нужно е подигнување на степенот на толеранција, зголемување на разбирањето за потребите на сите членови на семејството, како и не-родово базирана прераспределба на активностите помеѓу партнерите.

Ранливи категории. Несомнено оваа кризна состојба е тешка за сите, иако со различни тежини и модалитети, се чини дека сите станавме ранливи семејсва. Сепак, не може а да не се запрашаме како се справуваат самохраните родители со овој дополнителен притисок? Кој им помага на семејствата со деца со попреченост? Како изгледа поделеното старателство во доба на изолација?

Социјалните мрежи се преплавени со пораки за тоа како пандемијата не направила еднакво ранливи сите: стари и млади, холивудски ѕвезди, врвни спортисти, мигранти, бездомници…Но се чини дека, сепак, не сме сите еднакви, особено кога станува збор за ресурсите кои ни се на располагање: материјалните средства и емотивната поддршка.

Конечно, како и да го дефинираме семејството, тоа стана најважниот систем на поддршка во ова кризно време, додека оние кои се без семејство во моментов се чинат најранливата категорија од сите.

Што по пандемијата? По завршувањето на пандемијата и враќањето на нормалното секојдневие, ќе останат отворени многу прашања на кои треба да најдеме одговори и решенија, меѓу кои:

  • Да им помогнеме на оние кои сами не можат да успеат без општествена и колективна поддршка, со јакнење на институциите и зголемен број на семејни советувалишта.
  • Да се зајакне нашата заложба за здрави семејства и семејни вредности во општеството и низ целокупниот образовен систем преку воведување семејна едукација.
  • Да се бориме секој поединец да стане здрава и општествено одговорна личност.
  • Да продолжиме со секојдневната борба против зголеменото семејно насилство.
  • Да одвоиме минимално време за посета на нашите најблиски, колку и времето тоа да не ни го дозволува.

 

Доц. д-р Ирена Авировиќ Бундалевска

Институт за семејни студии, Филозофски факултет