Пеколен хаос на авенијата „Шанз-Елизе“ по жестоките протести на „жолтите елеци“ (видео)


Вака се слави гол во 120-та минута!!! ↓↓↓


Еден ден после жестоките анти-владини протести на таканаречените „жолти елеци“ на авенијата „Елисејски полиња“, светски познатата улица остана во хорор состојба, исшарана со многу графити насочени против актуелната Влада на Франција и покачувањето на цените на горивата. Освен графитите по ѕидовите, има и многу скршени излози на луксузни продавници.

Во авенијата во која се наоѓа и претседателската палата, демонстрантите во текот на протестот во саботата по ѕидовите оставија пораки како „Долу држава, полицајци и фашисти”, „На оружје”, “Шампион во светот на данокот”, пренесуваат француските медиуми.

Во текот на судирите меѓу полицијата и „жолтите елеци” како што се нарекуваат демонстрантите во флуоресцентни елечиња, учесниците на протестите за баракади користеа градски мобилијар – канти за ѓубре, столчиња, маси и чадори од терасите на кафулињата и се друго со што можеше да се послужат за таа цел.

Според најновите податоци на Управата на париската полиција, 101 лице било задржано во полиција во протестите, во текот на кои 24 лица биле повредени во престолнината, меѓу кои и пет полицајци.

Ден по протестите, во кои учествуваа околу 100.000 луѓе, “жолтите елеци” денеска објавија дека планираат да организираат и “трет чин” на протести следната сабота.

На официјалната страна на „Жолти елеци” на Фејсбук, денеска беа најавени протести за идната сабота, 1-ви декември, за кои повеќе од 50.000 корисници на популарната социјална мрежа веќе искажале интерес, а местото на собирање повторно е авенијата „Елисејски полиња“.

Владата, во меѓувреме, не се откажува од својата цел и го потврдува зголемувањето на данокот на горивото.

Претседателот Емануел Макрон го осуди насилството на демонстрантите, порачувајќи дека „во Републиката нема место за такво насилство”.

„Нека се срамат оние кои ја нападнаа полицијата и оние кои биле насилни кон другите граѓани…Во Републиката нема место за такво насилство”, напиша Макрон на Твитер.