Пандемијата на коронавирусот милијардерите ги направи уште побогати, а ја зголеми сиромаштијата кај во светот

Меѓународната организација „Оксфам“ заклучи дека пандемијата на Ковид-19 ширум цела планета светските богаташи ги направила уште побогати, а го зголемила бројот на сиромашните во светот.

Организацијата “Оксфам” ги повикува владите ширум светот да преземат противмерки за овој проблем, а Германија ја советува да воведе данок на имот.

Пандемијата на коронавирусот ја влошува социјалната нееднаквост во целиот свет – заклучува меѓународната организација Оксфам во извештајот кој како и секогаш, го објавила непосредно пред почетокот на Светскиот економски форум. Форумот во Давос планиран за оваа седмица е одложен поради ситуацијата со коронавирусот. Наместо тоа, фондацијата виртуелно ги собира водечките светски политичари, а германскиот канцелар Олаф Шолц ќе одржи говор во среда, пренесува “Deutsche Welle”.

Додека богатството на десетте најбогати милијардери се дуплирало меѓу март 2020-та и ноември 2021-ва година, на огромната маса на сиромашни во светот им се приклучиле уште 160 милиони луѓе.

Оксфам ги повикал владите ширум светот повеќе да ги оданочуваат корпорациите и супербогатите за да финансираат основни социјални услуги, да обезбедат глобална праведност кога станува збор за вакцинацијата и да ја ускладат економијата со општото добро.

Нееднаквоста исто така е прашање на живот и смрт, се вели во извештајот. Се проценува дека од ковид-19 починале 17 милион луѓе – од кои милиони би биле се уште живи доколку биле вакцинирани. Оксфам укажува на неправедната глобална дистрибуција на вакцини. Организацијата објаснува дека вакцините треба да се третираат како јавно добро, делумно бидејќи владите го финансирале нивниот развој со големи количини на пари од даноците.

Според истражувањето, повеќе од 100 земји ги намалило социјалните издатоци во текот на кризата, а понатамошни мерки за штедење се закануваат во најмалку 73 земји – поради отплата на кредити за Ковид-19 од Меѓународниот монетарен фонд. Во посебно заостанување се жените. Има 13 милиони помалку вработени отколку пред две години. Истовремено значајно пораснала неплатената работа на жените и девојките, кои на пример, се грижат за семејството.

„За милијардерите пандемијата е како златна грозница. Владите вбризгаа милијарди во економијата, но голем дел од тие пари се задржаа кај луѓето кои најмногу профитираат од растот на акциите. Додека нивното богатство расте со невидена брзина, а некои се впуштаат во патувања во вселената, глобалната сиромаштија драстично се зголеми”, вели Мануел Шмит, надлежен за социјална нееднаквост во Оксфам Германија. Тоа се однесува на луѓе како Илон Маск, Џеф Безос или Марк Закерберг.

И во Германија исто така се зголемува “големата концентрација на имот”. Исто така, како што наведува Оксфам, десетте најбогати луѓе ги зголемиле своите имоти од почетокот на пандемијата од околу 125 милијарди евра на околу 223 милијарди евра, односно за 78 проценти.

Стапката на сиромаштија во Германија во меѓувреме е рекордна – околу 16 проценти влегуваат во таа категорија, односно повеќе од 13 милиони луѓе.

Оксфам ја повикал Германската влада да ја зголеми одговорноста на корпорациите и најбогатите. Таа мора повторно да воведе данок на имот, а потребен е еднократен данок на големи имоти, наведува Оксфам.