Како е да се биде професионален Counter-Strike играч! ↓↓↓
„Драмата“ со визата за најдобриот светски тенисер, Новак Ѓоковиќ, со денови е најголема спортска тема во светот, кој толку многу ја заинтригира јавноста што вечерва ќе може во живо да се следи неговото рочиште пред австралискиот федерален суд.
Судењето почнува во 10 часот наутро по локално време, а по наше вечерва точно на полноќ. Австралиските власти објавија и линк на кој ќе може да се следи преносот.
Ѓоковиќ останува во притвор во прифатниот центар за мигранти во Мелбурн бидејќи Австралијците не му дозволија судењето да го чека во приватно сместување со пристап до тениско игралиште, за да може да тренира во случај да му биде дозволен влез во земјата, дури ни со специјално обезбедување кое ќе го следи секој негов чекор.
Судот ќе одлучи дали тенисерот ќе добие виза за влез во Австралија, каде што треба да се бори за својата 10. титула на Австралија опен и 21. на Гренд слем турнирите. Првично визата му беше одбиена со образложение дека приложил соодветни докази во однос на медицинското изземање кои би го оправдале неговиот влез во земјата иако не е вакциниран.
Во меѓувреме, американската новинска агенција Associated Press (АП), пренесе став од австралиските гранични служби според кој доколку Ѓоковиќ биде депортиран, се соочува со повеќегодишна забрана за влез во Австралија.
Неговите адвокати тврдат дека Ѓоковиќ го добил изземањето врз основа на документ со кој се докажува дека бил заразен од корона на 16 декември, односно дека тенисерот веќе се опоравил од Ковид-19 и дека поради тоа може да влезе во Австралија.
Сепак, во медиумите се појави фотографија од Ѓоковиќ на 17 декември каде е на настан со многу деца, на кои им делел пехари, а од фотографиите се гледа дека не држи дистанца и не носи маска, иако според тврдењата на адвокатите, ден претходно дознал дека е заразен.
Француски „Л’Екип“ потоа објави и фотографија од Ѓоковиќ на која Србинот на 18 декември бил на снимање на едиторијал и во таа прилика никому не кажал дека е позитивен.