Обединети загубените ремек-дела од Франц Кафка кои требало да бидат спалени


Кој ќе тепа на Ел Класико!? ↓↓↓


11-годишните напори за собирање на загубените ракописи од еден од највлијателните писатели на сите времиња, Франц Кафка, дојдоа до својот успешен крај. Во Израел стигна последната серија од негови записи.

Националната библиотека ги откри овие документи после повеќегодишна меѓународна потрага и правни спорови.

Во 1896 година Франц Кафка на својот близок пријател, колекционерот Макс Брод, му ја оставил својата збирка со надеж дека тој ќе ја спали после неговата смрт во 1920-те години од минатиот век. Сепак, Брод за среќа не ја исполнил неговата желба и не го направил тоа.

Во својот тестамент тој списите ги оставил во наследство на израелската библиотека, но истите исчезнале после неговата смрт во 1968 година. За нивно пронаоѓање беа иницирани истраги во Германија, Швајцарија и трезорите од банките во Израел, пренесува ВВС.

Портпаролката на Националната библиотека на Израел, Веред Лион-Јерушалми, изјави дека сета оваа приказна е буквално во стилот на Кафка.

Последната пратка со ракописи, која беше испратена во Ерусалим, со децении била зафрлена во трезорите од седиштето на швајцарската банка UBS во Цирих. Содржи бележник во кој Кафка вежбал хебрејски јазик и писмо, три различни нацрти за неговиот расказ „Подготовка за венчавка на село“ и стотина лични писма, цртежи и списанија.

Од библиотеката најавија дека делата ќе бидат објавени на интернет.