Микроинкапсулираниот ретинол станува сè поинтересен избор за нега на кожата, особено за оние што сакаат да ги искористат придобивките од оваа популарна состојка, но од класичните формули добиваат црвенило, лупење или чувство на затегнатост. Ретинолот со години е меѓу најкористените состојки во негата насочена кон првите знаци на стареење, ситните брчки, нерамномерната текстура и хиперпигментациските дамки. Сепак, на кожата честопати ѝ е потребен период на приспособување. Токму затоа расте интересот за микроинкапсулираните формули, кои со посебна технологија овозможуваат постепено ослободување на активната состојка.

@hausoftaryn
Што е микроинкапсулиран ретинол?
Иако називот звучи сложено, идејата е едноставна. Микроинкапсулацијата е технологија со која активната состојка се обвиткува со заштитен слој, односно се сместува во ситни честички што ја штитат и го контролираат нејзиното ослободување на кожата.
Кај ретинолот, овој пристап има две значајни предности. Од една страна, го штити од надворешни влијанија, како светлината и кислородот, кои можат да ја нарушат неговата стабилност. Од друга, овозможува постепено ослободување, наместо целата количина одеднаш да дојде во допир со кожата. Затоа оваа технологија сè почесто го привлекува вниманието при создавањето производи за луѓе што сакаат да го воведат ретинолот во својата рутина за нега.
Каква предност може да има во однос на класичниот ретинол?
Една од главните предности е контролираното ослободување. Заштитната обвивка овозможува ретинолот постепено да се ослободува на површината на кожата, наместо тоа да се случи одеднаш. На тој начин кожата може полесно да го поднесува производот, а можноста за непријатни реакции, како црвенило, лупење и затегнатост, може да се намали.
Ретинолот е чувствителен на светлина и кислород. Микроинкапсулацијата помага да се заштити од овие влијанија и да ја задржи стабилноста, што е важно за зачувување на неговите својства додека се користи производот.
Притоа, технологијата не го менува основното дејство на ретинолот. Тој и натаму придонесува за обновување на кожата, ги поттикнува процесите поврзани со создавањето колаген и помага во ублажувањето на ситните брчки, нерамномерната текстура и темните дамки. Придобивките остануваат истите, но се менува начинот на кој состојката стигнува до кожата.

@vivabenard
За кого се наменети овие формули?
Ако веќе сте пробале да користите ретинол, но кожата ви реагирала со црвенило или лупење, микроинкапсулираните формули би можеле да бидат опција за разгледување. Тие може да бидат интересни и за почетниците, како и за оние што сакаат поизедначен тен, помалку видливи ситни брчки и поцврста кожа.
Сепак, ниту микроинкапсулираниот ретинол не ја исклучува можноста за иритација. Реакцијата зависи од концентрацијата, другите состојки во формулата и индивидуалната чувствителност на кожата. Затоа и овие производи треба да се воведуваат постепено.

Серум за лице Some By Mi Retinol Intense

Серум за лице Retinol Skin-Renewing Daily Micro-Dose
Како да го воведете во секојдневната нега?
Како и класичните формули со ретинол, и оваа варијанта е најдобро да се користи навечер. По чистењето на лицето нанесете го производот, а потоа хидратантна крема што ќе помогне во зачувувањето на кожната бариера. За чувствителна кожа може да се испроба и таканаречениот метод „сендвич“: најпрво тенок слој хидратантна крема, потоа ретинол, па уште еден слој крема.
За почеток, доволна е употреба двапати неделно, а подоцна зачестеноста може да се приспособи според реакцијата на кожата. Во текот на денот задолжително користете крема со заштитен фактор. Во почетниот период е подобро ретинолот да не се комбинира со повеќе други активни состојки со интензивно дејство.
Микроинкапсулацијата нуди поинаков начин една од најпознатите состојки за нега на кожата да се приспособи на различни потреби. Ако досегашното искуство со ретинол ви било проследено со непријатни реакции, ваквата формула може да биде опција што вреди да ја разгледате.
Извор: Lepota i Zdravlje