Најголемиот филмски хит на годината е една голема лага


Шанса да станеш YouTuber! Приклучи се! ↓↓↓


Новото филмско остварување на култниот режисер Мартин Скорсезе ја воодушеви филмската критика. А, после неговото појавување на Netflix, ја подели публиката која на различни начини реагираше на овој филм. Едни беа импресионирани, други му замеруваа на предолгото и со ништо оправдано траење. Трети, пак, се фокусираа на фактот дека неговата „вистинита приказна“ за исчезнувањето на фамозниот синдикален лидер Џејмс Р. Хофа, познат како Џими Хофа, нема врска со реалноста.

Меѓутоа, и самиот Скорсезе бил свесен дека исповедувањето на Френк „Ирецот“ Ширан (фамозниот The Irishman, како што е насловен и самиот филм), кој во филмот го глуми Роберт Де Ниро, е преполно со дупки.

Автор на книгата која е користена како предлошка за филмот, насловена „I Heard You Paint Houses“ е Чарлс Брент, кој од 1991 година до 2003, направил серија интервјуа со Ширан, а во текот на едно од нив, Ширан му се доверил и признал дека токму тој го убил Џими Хофа пукајќи му два пати во главата.

„Paint Houses“ е еуфемизам за крвта која ги попрскува ѕидовите откако некој ќе биде застрелан од непосредна близина во затворена просторија.

За жал, приказната за куќата во Детроит во која наводно е застрелан Хофа, не држи вода, бидејќи полицијата излегла да истражува на терен и во куќата која ја споменува Ширан не се најдени траги од крв.

Хофа

Вистини и лаги

Новинарот Ден Молди, кој со години го истражувал овој случај, дури и го предупредил Де Ниро да не учествува во овој филм, бидејќи е базиран на книга преполна со невистини.

„Де Ниро не можеше да биде попристоен. Извонреден лик, но јас бев агресивен бидејќи знаев дека имам малку време со него. Морав брзо да преминам на главното. Но, откако му кажав дека приказната е лажна, разговорот стана непријатен, бидејќи јас со него разговарав на начин на кој тој разговара со другите ликови во фимовите во кои глумел“, изјави Молди.

И покрај неговиот пристап и повод за разговор, факт е дека филмот е базиран на неточна приказна.

Она што е точно е дека Хофа бил претседател на Teamsters, кои станале еден од најмоќните синдикати во САД и под чија контрола се наоѓал најголемиот дел од транспортот во државата. За време на неговото владеење било општо познато дека Хофа соработува со мафијашите и дека има големи проблеми со сенаторот Роберт Кенеди, кој правел сè за да го стави Џими зад решетки. Што на крајот и му успеало.

Хофа во 1964 година е осуден за обид за подмитување на поротата, а следела и пресуда за матни зделки поврзани со пензискиот фонд. Во затвор завршил во 1967 година, а во 1971 година е помилуван од претседателот Ричард Никсон.

Ентони Провензано

Во затвор времето го поминувал со мафијашот од Њу Џерси, Ентони Провензано, водач на мафијашката фамилија Џеновезе, со кој влегол во конфликт кој продолжил и откако двајцата излегле од затвор. Хофа сакал да се врати на чело на синдикатот, но тоа не им се допаднало на луѓето од Провензано, кои во меѓувреме на таа позиција го поставиле Френк Фрицсимонс, кој им овозможил поштено да го измолзат фондот, што под водство на Хофа било невозможно.

Во летото 1975 година Хофа исчезнува, а неговото тело никогаш не е пронајдено.

Што се случило?

Првично се верувало дека станува збор за киднапирање. Хофа последен пат бил виден на паркингот пред ресторанот Machus Red Fox, во предградието на Детроит, после што му се губи секаква трага.

Неговото исчезнување станува главна вест во Америка, а теориите за тоа каде се наоѓа од ден на ден станувале сè полуди. Неколку недели после исчезнувањето, започната е и официјална истрага која ја водел Хенри Џексон. Прекопувањето на земјиштето недалеку каде што последен пат е виден Хофа се претвора во вистински циркус. Проблемот бил во тоа што целата акција за ископување започнала врз основа на лажна дојава, па не било големо изненадување дека на крајот ништо не било пронајдено.

FBI прво не се вклучува во истрагата бидејќи немале повод да истражуваат по службена должност, со оглед на тоа дека нема фактичко федерално злосторство. Но, директорот на FBI, Кларенс  Кели, на крајот наредил бирото да започне истрага.

Стотици агенти работеле на случајот, но од почетокот имале проблеми бидејќи немало тело, па немале ни основ за истрага за убиство. Но, кога еднаш се вклучиле во истрагата, собрале еден куп информации иако официјално немале мртво тело.

Во текот на 1975 година мафијашките шефови го поттикнувале Хофа да ги смири страстите и да најде начин да ја смири ситуацијата со Провензано. Хофа давал отпор, но на крајот се согласил на тоа. Неговата сопруга изјавила дека тоа попладне кога исчезнал заминал на состанок со Провензано. Состанокот го организирал локалниот гангстер Ентони „Тони Џек“ Џиакалоне.

Тони Џек

Хофа чекал еден час на паркингот пред споменатиот ресторан, а имало многу сведоци кои го виделе таму. Неговиот автомобил, темнозелениот Pontiac Grand Ville од 1974 полицијата го пронашла откако сопругата на Хофа го пријавила неговото исчезнување.

Во тоа време Џиакалоне бил на потстригување и се погрижил да има доволно сведоци кои ќе го потврдат неговото алиби. Истото го направил и Провензано, кој тоа време бил во Њу Џерси.

FBI истрагата ја фокусирале на Чарлс „Чаки“ О’Брајан, самопрогласен посинок на Хофа, чија приказна не држела вода и често ја менувал за време на испрашувањето. Тоа попладне тој го возел автомобилот кој му припаѓал на Џои Џиакалоне, син на Тони Џек. FBI го запленило возилото и во багажникот биле најдени примероци од косата на Хофа.

О’Брајан тврдел дека не знае ништо за исчезнувањето на Хофа, а истражителите веруваат дека бил наведен да го превези Хофа, но не учествувал во неговата ликвидација. Тој никогаш не открил што точно се случило тоа попладне.

Кој го убил Џими Хофа?

Во ноември 1975 година FBI ја менува насоката на истрагата. Ралф Пикардо, кој бил во затвор за рекетирање, на агентите им открил дека луѓето на Провензано го киднапирале и убиле Хофа. Еден од соработниците на Провензано наводно му го прераскажал злосторството кога го посетил во затвор. Во регистарот на посетители на Пикардо во затворот навистина стои името на соработникот на Провензано.

И Пикардо е легитимно автентичен извор, бидејќи станува збор за близок соработник на Тони Провензано.

Врз основа на неговата изјава, FBI се сомнева дека Провензано дал наредба за убиство на Хофа, но тоа го направил откако добил дозвола од надредените, поточно од Расел Бафалино (во филмот го глуми Џо Пеши). Бафалино починал за време на отслужувањето на затворската казна за соучество во убиство на сведок.

Неколку месеци по исчезнувањето на Хофа, главниот обвинител на судот изјавил дека верува оти тројца мажи од Њу Џерси се одговорни за убиството на Хофа, а своите тврдења ги втемелил на изјавите од сведоци кои виделе со кого Хофа го напуштил ресторанот.

Френк „Ирецот“ Ширан не бил еден од нив.

Салваторе „Сали Багз“ Бригуљо, неговиот брат Габриел „Габи“ Бригуљо и Томас Андерета биле соработници на Провензано кои и претходно им биле познати на полициските органи. Според информациите од Пикардо, Хофа го застрелал Салваторе Бригуљо.

Пачино и Де Ниро на снимањето на The Irishman во улогите на Хофа и Ширан

Зошто лажел Ширан?

FBI разговарале со Ширан, но заклучиле дека е „интересен тип“, дека е близок со луѓе од криминалното милје и дека е еден од најдобрите пријатели на Хофа. Истрагата покажала дека Ширан и Хофа телефонски разговарале еден ден пред исчезнувањето на Хофа, но немаат информации дека тој ден Ширан бил во Детроит.

Ширан се претставил како главен убиец за мафијашките шефови, кои од некоја причина за такви задачи го бирале него, а не сицилијанските платеници од сопствените „семејства“. Ширан тврдел дека убивал дури и лично за Хофа, но неговите приказни се полни со дупки и Брент тоа лесно можел да го провери.

Неточно го опишал ресторанот пред кој наводно го видел Хофа, а очигледно не знаел и како изгледа Салваторе Бригуљо, кој наводно го затекнал во куќата во која е убиен Хофа.

Авторот на книгата која е користена како предлошка за филмот на Скорсезе не сакал да одговара на новинарски прашања.

Главно, ништо од долгогодишната истрага на FBI не укажува на Ширан како егзекутор на Хофа. Се појавува како последен од шесте осомничен надвор од Мичиген. Ширан познавал многумина кои биле замешани во овој случај, но него никој не го сомничи за убиство на Хофа бидејќи доказите не упатуваат на него.

Сепак, не смееме да заборавиме дека FBI никогаш не дозна што точно се случило. Поточно, прилично се сигурни дека знаат, но немаат несоборливи докази врз основа на кои ќе ја заклучат истрагата.

Една од нивните теории е дека Хофа е одведен на локација недалеку од ресторанот, онесвестен и ставен во багажникот од автомобилот на Џиакалоне, превезен во индустриската зона, каде мафијата се ослободува од труповите фрлајќи ги во индустриските печки. Тоа објаснува зошто телото никогаш не е пронајдено.

Втората теорија е дека е „спакуван“ во бочва и фрлен на депонијата Brother Moscato во Њу Џерси, каде мафијата често ги фрлала телата на оние кои ги ликвидирала.

Ден Молди се сомнева дека убиец на Хофа е Сал Бригуљо, кој е убиен во март 1978 година, откако почнале да кружат муабети дека би можел да поразговара со FBI за Хофа, со цел да избегне казна за второто убиство во кое бил вмешан. Убиен е професионално, а убиецот никогаш не е најден.

Останува само прашањето зошто Ширан би признал убиство кое не го извршил?

Молди тврди дека причината за тоа би можеле да бидат пари. „Тоа било циничен обид да зграби уште нешто пари на крајот од животот со цел барем нешто да му остави на своето семејство и да не умре шворц. Признал злосторство кое не го извршил“.

Новинарот е свесен дека јавноста не се грижи дали приказната врз која е базиран филмот е вистинита или не, бидејќи никому не му е гајле кој го убил Хофа. „Сакаат само да гледаат добар филм и верувам дека ќе го добијат тоа. Сигурен сум во тоа“.