
Бре Тиеси се наврати на бракот со Џони Манзиел и отворено проговори за проблемите во нивниот однос.
Триесет и петгодишната ѕвезда на „Selling Sunset“ беше во брак со 33-годишниот поранешен НФЛ-играч од 2018 до 2021 година.
Во епизодата на подкастот „The Viall Files“, објавена во вторникот, на 3 ноември, Бре сподели ретки детали за нивниот брак додека раскажуваше за своето учество во „Special Forces: World’s Toughest Test“.
Пред да прифати да учествува, таа разговарала со Џони и со Двајт Хауард. Хауард настапи во првата сезона на натпреварувачкото реално шоу на „Фокс“, а Манзиел во четвртата. Бре беше дел од петтата сезона, но доброволно се повлече на половина од обуката.

„Разговарав со Двајт, а и мојот поранешен сопруг Џони учествуваше во шоуто. Затоа се посоветував со двајцата. Двајт ми рече: ‘Не знам дали треба да го направиш ова’, а Џони беше категоричен: ‘Апсолутно’. Ми рече: ‘Веројатно во некој момент ќе се налутиш, но освен тоа, треба да учествуваш’“, раскажа Бре.
Потоа објасни како по разводот повторно воспоставиле контакт.
„Поминавме низ многу работи. Со години по разводот не разговаравме. Многу ми значи кога некој може да преземе одговорност, да се извини и зрело да разговара за проблемите. Во таков случај, подготвена сум да продолжам понатаму“, рече таа.
„Очигледно, во еден период се сакавме. Се венчавме. Затоа си реков: ‘Знаеш што? Го почитувам и го прифаќам ова извинување, го ценам и можеме отсега да бидеме во добри односи’. Не би рекла дека често се дружиме или дека разговараме секој ден, но дефинитивно сме во добри односи“, додаде Бре.
Таа истакна и дека учеството во „Special Forces“ ѝ било „лесно“ во споредба со бракот со Џони и разводот што следувал.

„Мислам дека едноставно сфатив оти не сакам да бидам во брак. Всушност, не сакав таква сериозна врска. Ништо не ми се допаѓаше во брачниот живот. Одлично се снаоѓам сама, а тука беше и одговорноста што ја носи бракот. Тоа што морав да му полагам сметка, како и сè низ што тој минуваше, ме натера да си речам: ‘Можеби сум навистина себична. Не знам, но ова едноставно не е за мене’. Не бев среќна. Искрено, мислам дека тоа ми беше најголемата лекција“, призна таа.
„Нашата врска беше многу токсична. Тоа не беше здрав однос и мислам дека научив многу за себе. Поради тоа, многу размислував за себе и за своите постапки“, додаде Бре.
По разделбата со Џони, Бре започна врска со Ник Кенон, со кого во 2022 година го доби синот Леџендари.
Извор: Just Jared