Министерот Венко Филипче му понуди оставка на премиерот Заев и „топката ја префрли“ кај него


Кој ќе тепа на Ел Класико!? ↓↓↓


Првиот човек на македонското здравство, министерот Венко Филипче, до премиерот Зоран Заев понуди оставка од морални причини од неговата министерска позиција. Нешто пред него, оставка, како „највисок морален чин“ и почит кон жртвите, поднесеоа и неговиот заменик, Илир Хасани, како и двајцата раководители на Тетовската болница, Бесими и Етеми, чувствувајќи морална одговорност за трагедијата во нивниот ковид-центар.

„Како лекар и министер имам интегритет, затоа од морални причини понудив пишана оставка до премиерот Зоран Заев“, изјави Филипче на прес-конференцијата. Тој го повтори својот став, повторуван неколку пати во јавноста деновиве, дека трагедијата во тетовската модуларна болница многу го погодила и повторно изрази сочувство до семејствата на загинатите, пренесува Слободен печат.

„Жалам за загинатите, сочувствувам со семeјствата. Нема зборови што тоа може да го опишат, ниту начин да се надомести загубата“, кажа Филипче, заблагодарувајќи се на сите кои веруваа во него и го поддржуваа во неговата работа, како и во одговорните задачи и предизвици со кои се соочувал особено во последните осумнаесетина месеци, за време на пандемијата.

Оставката на Филипче „висеше во воздух“ во последните два дена и покрај неговите претходни најави дека за тоа ќе причека, откако барем првично ќе се утврдат индициите за трагедијата во Тетово. Истрагата за тетовската болничка катастрофа е во тек и според сите индиции, причините се сепак од техничка природа, иако на површина излегоа низа организациски и кадровски проблеми и пропусти во начинот на кој функционирал тој ковид-центар кои не мораат да имаат директна врска со пожарот, но имаат врска со здравствената култура и во болничките и во граѓанските сфаќања на безбедноста кога се во прашање овој вид на сериозни здравствени предизвици. Впрочем, истрагата мора точно да ги утврди причините и одговорноста за немилиот настан, што го бара целата јавност во државата – а и Законот.

Но, понудената оставка на Филипче и дадените оставки на Хасани и раководителите на Тетовската болница нудат отрезнувачка шанса за сите нивоа на одлучување во државата, а не само во здравството, дека не треба да се следи само духот на законите и прописите, туку, буквално, и нивното слово, бидејќи трагедиите не бираат власт или партија кога ќе се случат, туку се резултат на синџир од, навидум, баналности од чие почитување зависат и човечки животи. Како во случајот со бродската несреќа во Охрид пред 10 години, поплавите во Стенковец во 2016 година или превртувањето на автобусот на патот Скопје-Тетово во февруари 2019 година, при кои загинаа или беа повредени десетици недолжни граѓани.