Премиерот Заев најави дека ќе почека да заврши истрагата за пожарот во Тетово, па ќе одлучи за оставката од Филипче


Кој ќе тепа на Ел Класико!? ↓↓↓


Премиерот Зоран Заев најави дека ќе чека да заврши истрагата за пожарот во кој изгоре тетовската модуларна болница и загинаа 14 лица, а 12 беа повредени, па потоа ќе одлучи дали ќе ја прифати оставката што му ја понуди министерот за здравство, Венко Филипче. Денеска преку соопштение вели дека одговорност ќе има, врз основа на фактите, а не политички пресметки.

„Имајќи предвид дека истрагата се спроведува со висока динамика и дека истата е обезбедена со највисоко ниво на стручност и професионалност, мојата проценка и одлука по однос на поднесените оставките ќе ја базирам исклучиво на фактите кои ги добивам од истрагата односно исклучиво согласно утврдените причини за избувнувањето на пожарот. Очекувам тоа да се случи брзо во следниот период за што уште еднаш апелирам до сите институции за брза и темелна истрага. Одговорност има и ќе има, јасно утврдена врз основа на непобитни форензички факти, а не врз основа на политички пресметки“ вели премиерот Заев.

Премиерот вели дека не се појавувал во јавноста бидејќи не сакал да влијае врз истрагата.

По соопштението на Заев, на прашање од ТВ24, министерот Филипче не одговори дали ќе продолжи да ја врши функцијата, со оглед на тоа што вчера не кажа дали оставката која како што вели од морални причини ја понудил – е неотповиклива. Одговор нема ниту од заменик министерот Илир Хасани кој рече дека оставката е највисок морален чин.

Според опозицијата пак понудената оставка на Филипче е договорена со Заев, само за да се прави театар пред јавноста.

„Двајца блиски како Заев и Филипче не си “поднесуваат” документи без претходен договор.Секој во државава знае за блискоста на Заев со Филипче, Секоја натамошна игра со оставката на Филипче е само купување време, смирување страсти и дефокус од проблемите со груби лаги, нечовечност и театар при толкава трагедија! Пеплосани се луѓе, тие прават политички театар!“ – вели Наум Стоилковски – портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.

Во меѓувреме директорите на јавно здравствените установи, кои што ги поставува и именува министерот за здравство, испратија писмо до премиерот во кое бараат Филипче да остане на функцијата.

„Тој е всушност столбот на овој систем, систем кој докажа дека спасува животи. Почитуван премиер, не ја прифаќајте оставката на министерот Филипче, само сфатете ја како длабоко морален чин на човек кој демонстрира висок степен на етика, морал, емпатија и алтруизам. Почитуван д-р Филипче,продолжете да не мотивирате, за да можеме да ги претвориме емоциите во иницијатива за уште подобар здравствен систем.Нема оставка за министерот Филипче!“ – стои во писмото до премиерот од група директори на Јавно здравствени установи

Дел од лекарската фела пак јавно побараа оставка од министерот, како морална одговорност.

Министерот за здравство прв пат пред јавноста се обрати ден откако се случи трагедијата во Тетово. Филипче прво изјави дека ќе чека истрагата да заврши, па потоа ќе одлучува дали ќе поднесе оставка. Дваесет и четири часа подоцна министерот во кусо обраќање до јавноста изјави дека сепак од морални причини понудил пишана оставка до премиерот.

Неколку часа пред Филипче да ја соопшти неговата одлука за оставка, од морални причини оставки поднесоа заменикот министер за здравство, д-р Илир Хасани, како и директорите на тетовската болница.