Директорите на тетовската болница и заменик-министерот за здравство си поднесоа оставки – оставка се очекува и од Филипче


Вака се слави гол во 120-та минута!!! ↓↓↓


Директорот на болницата во Тетово, Флорин Бесими, економскиот директор на здравствената институција, Артан Етеми, и со заменикот-министер за здравство Илир Хасани денеска поднесоа оставки на функцијата по несреќата во модуларната болница во која загинаа 14 луѓе.

„Мојата оставка нема да ги утеши семејствата, но верувам дека ќе поставам морална линија која сите ние во општеството можеме да ја следиме“, напиша Бесими во оставката.
„Губењето човечки животи на овој начин е голема трагедија. Функцијата не може да биде пред дигнитетот и хуманоста“.

„По таков трагичен и несреќен настан, оваа одлука е неминовна“, пишува Бесими.

Речиси истовремено, од функцијата се повлече и економскиот директор Артан Етеми.

„Чувствувајќи длабока болка од трагедијата што се случи во модуларниот центар во Тетово, каде што бев и лично присутен, од тажните слики што ги доживеав извлекувајќи ги со свои раце телата на жртвите, во својство на економски директор ја давам мојата оставка од оваа позиција од морален чин“, напиша Етеми во оставката.
Двајцата директори очекуваат истражните органи и меѓународните експерти да ја откријат вистинската причина за трагедијата што се случи во модуларниот центар.
Веднаш по нив, повлекување од функцијата најави и заменикот-министер за здравство Илир Хасани.

„Во овие тешки моменти за сите нас, поднесувам оставка како највисок морален чин. И покрај фактот дека немам никаква врска со процедурите за формирање модуларна болница, иако немам никаква врска со организацискиот дел, оставката е најмалиот чин што можам да го направам во моментов, да ги почитувам жртвите, повредените, јавноста и себеси. Нема ништо над достоинството!“, вели Хасани.

Министерот за здравство Венко Филипче најави обраќање во 19 часот. Според информациите на кои се повикува Мкд.мк, наводно од доверливи извори блиски на министерот, Филипче на своите колеги од Владата им најавил дека ќе поднесе оставка.

Вчера Филипче изјавуваше дека ќе ги чека резултатите од истрагата, па дури потоа ќе може да се зборува за нечија одговорност. Тој рече дека има уште многу да се менаџира и во однос на овој случај, но со епидемијата воопшто.

Филипче на вчерашната конференција за медиумите тврдеше дека материјалите вградени во модуларната болница во Тетово биле огноотпорни со сите потребни сертификати и атести.