Македонско-бугарската комисија „заглави“ во Среден век, а нема решение ни за Гоце Делчев


Шанса да станеш YouTuber! Приклучи се! ↓↓↓


И понатаму нема решение и договор за спорот чиј лик и деец бил Гоце Делчев. А дополнително, Бугарскиот тим од мешаната македонско-бугарска комисија „заглави“ и во Среден век, период за кој тие го отворија прашањето дали тогаш постоел македонски народ. Нивно тврдење е дека до 1945 година на оваа територија живееле Бугари.

„На помош треба да се викаат меѓународни експерти“, вели македонскиот претседател Стево Пендаровски.

Мешовитата македонско-бугарска експертска комисија сигурно седум – осум месеци наназад, можеби и нешто повеќе, работи со исклучително бавно темпо, изјави вчера претседателот на Македонија Стево Пендаровски за ТВ 24.

И претседателите на посебните тимови од оваа комисија се согласни дека напредок нема и дека ова е период на застој на работата на Комисијата.

„Знаете што е сега проблематично со работата на таа комисија, сосема начелно зборувајќи без да им се мешам во работата. Вие не можете во 2019, еве и 2020 година ќе не фати, да решавате за тоа каква била етничката припадност на некој човек кој живеел пред 150 години“, рече меѓу другото Пендаровски.

Идејата на таа Комисија и на македонско–бугарскиот договор за добрососедство, вели Пендаровски, е да видиме што за одредени историски личности нѐ спојува и каде можеме заеднички да ги ставиме. Клучниот израз кој е користен во тој документ, од тој договор, посочи, за жал не го слушам многу често кога се коментира работата на Комисијата.

„Ако пишува споделена историја, а ти сакаш Гоце Делчев да биде пишан како чист Бугарин, кој е резонот тогаш јас да го славам ако е само твој. Мора да биде дел твој, дел мој, макар со делото, па да можеме јас и ти да го чествуваме заедно. Тоа е јасно како бел ден. Таа е формулацијата“, појасни шефот на државата.

Според него, многу подобро би било доколку во Мешовитата македонско-бугарска експертска комисија бидат вклучени и неколку меѓународни експерти, кои го знаат Балканот во тој временски период.

„Мислам дека една од причините за успехот на Преспанскиот договор е тоа што имаше и меѓународно присуство“, рече претседателот Пендаровски.

Тој оцени дека во овој момент Бугарија не прави никакви пречки.

„Знаете ние мора да покажеме трпение. Дали ќе има опструкции, не само од Бугарија, можеби и од некои други држави… кога ќе почнеме со преговори кои ќе траат со години, ќе има. Бидете убедени дека ќе има. Како ќе ги надминеме? Со долги часови, месеци и години објаснување дека тоа не е така и се разбира барање на меѓународни сојузници за нашата кауза и нашиот сет на аргументи. Нема друг начин. Друго е да речеш ја прекинувам и си седам дома. Па седевме дома во времето на Груевски 10 години и мислевме дека сме најаки на свет. Не било така“, рече Пендаровски.

Наспроти ова, бугарскиот претседател Румен Радев е нетрпелив. Тој во септември изјави дека Бугарија треба да ја поддржува Македонија во евроинтеграцијата, но не на сметка на бугарската историја, јазик и идентитет. Тој на тогашната средба со бугарските претставници во Мешовитата мултидисциплинарна експертска комисија за историски образовни прашања меѓу Бугарија и Македонија даде рок од еден месец.

„Ако наредниот месец не биде постигнат договор за спорните прашања, треба да се изготви нова национална позиција за заштита на бугарскиот интерес… Ако нема напредок, Владата треба да преземе конкретни мерки и да заземе нова позиција со јасни критериуми за заштита на бугарскиот национален интерес кои ќе ја засегаат и преговарачката рамка за Република Северна Македонија. Нема да дозволиме нерешени меѓусоседски проблеми да бидат внесени во нашето европско семејство“, кажа Радев.

И на последниот состанок на Мешовитата комисија при крајот на минатиот месец во Софија беше оценето дека следува период на застој со многу мал напредок во работата на експертите.

Застојот почна кога се отвори прашањето за Гоце Делчев. Двете страни настојуваат да докажат дека Гоце Делчев е познат македонски револуционер или Бугарин кој се борел за слобода на Македонија или Бугарија. Историчарите од двете страни не успеваат да ги надминат овие недоразбирања. Терминот за кој зборува Пендаровски, заедничка или споделена историја, очигледно е дека секој од комисијата различно го разбира и толкува. Различно е и разбирањето за историјата во средниот век – бугарските историчари велат дека за тој период треба да се зборува за историја на еден народ и дека за македонски етнос може да се зборува од 1945-та година.

„Јас не сакам Комисијата да престане да работи. Работата на оваа комисија е во корист и на двете страни и треба да продолжи. Но, очигледно е дека бугарските колеги имаат политички притисок и бараат што почести средби за да се заврши работата што е можно побрзо. Ние не сакаме во овој предизборен период Комисијата да се состанува, но тоа беше одбиено од бугарска страна. Сметам дека е добро малку да се смират тензиите и да се преиспита како натаму ќе работи Комисијата“, изјави Драги Ѓорѓиев, претседател на македонскиот дел од Мешовитата комисија.