Лазаров официјално промовиран како тренер на РК Алкалоид

На посебна прес-конференција денес новиот ракометен суперлигаш, Алкалоид ја претстави екипата и амбициите за новата сезона.

Како што веќе е познато тренер на екипата ќе биде Кирил Лазаров кој паралелно ја води и репрезентацијата на Македонија. Од амбициозниот проект се очекува многу.

„Имаме млад и нов тим, но со ракометари со суперлигашко искуство. Екипата се уште ја запознавам, пријатно сум изненаден од она што го прикажавме на струшкиот турнир. Добро е што игравме на турнир со посилни противници, така побрзо ќе растеме. Целта е да се пласираме во плеј-офот и мислам дека затоа имаме квалитет“.

„Оваа сезона ќе имаме најквалитетна Суперлига во последните 15-тина години. Гледаме дека ги мотивираме останатите екипи со нашиот проект, се надевам така ќе биде и во иднина“, изјави Лазаров.

Засега во Алкалоид не се размислува за странски засилувања, во иднина можеби би биле ангажирани.

„Мислам дека оваа година ќе бидеме единствени со чисто македонски производ како клуб. Сигурно дека тоа е за пофалба, продолжуваме напред со такво размислување. Не знаеме што носи иднината, имало примери кај нас кои почнале така па потоа се сменил концептот. Следните две-три години ќе одиме вака, понатаму ќе видиме. Јас секогаш сум за квалитетни странци од кои децата ќе можат да учат. Мој идол беше Душан Новокмет од кого учев, подоцна доби и македонско државјанство. Не сум за неквалитетни странци кои ги има кај нас во изобилие“, порача Лазаров на прес-конференцијата.