Кубанската вакцина „Абдала“ против Ковид-19 покажува ефикасност од 92%


Кој ќе тепа на Ел Класико!? ↓↓↓


Кубанската вакцина „Абдала“ против Ковид-19 покажува ефикасност од 92,28 отсто, соопшти кубанската лабораторија што ги врши клиничките испитувања. Сепак, пренесува АФП, не е прецизирано дали овој процент на ефикасност се однесува на заштитата од инфекција, болест или смрт.

Информацијата на Твитер ја објави лабораторијата „Био Куба фарма“ и наведува ека овој процент на ефикасност се постигнува по три примени дози.

„Абдала“ е во последната фаза од клиничките испитувања и е една од петте вакцини што ги развива Куба. Иако за ниту една официјално не се завршени клиничките испитувања, кубанските власти минатиот месец започнаа со имунизација на населението користејќи две од нив. „Абдала“ е една од двете кои почнаа да се употребуваат, додека другата е „Соберана 2“, за која пред два дена властите објавија дека нејзината ефикасност е 62 отсто по примени две дози.

Во текот на епидемијата Куба не беше многу погодена од коронавирусот. Досега официјално регистрираше околу 170 000 заразени и 1 170 смртни случаи, пренесува АФП.

Поради ембаргата и санкциите од САД, Куба има повеќегодишна традиција на производство сопствени лекови, која започна во 80-тите години на минатиот век. Според медиумските извештаи, речиси 80 отсто од вакцините кои ги употребува се од сопствено производство, а очекувањата на властите се дека ќе бидат и првата земја во Латинска Америка која официјално развила вакцина против коронавирусот.