Француската специјална фудбалска комисија направи исклучок за 30-ката од Меси


Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


Кога во 2003 година дебитираше за првиот тим на Барселона, Лионел Меси го носеше бројот 30. Денес, во Париз, каде отвори ново поглавје во неговата професионална фудбалска кариера, Меси тоа го прави со истиот број на грбот иако во Франција, според тамошните правила, тој број е дозволен само за голмани.

Бразилецот Нејмар со кого Меси играше едно време во Барса, јавно му ја понудил 10-та на големиот Аргентинец, но Лионел од почит и уважување одбил.

На промоцијата како нов играч на ПСЖ Меси се сликаше во дрес со број 30, иако во Франција овој број им припаѓа само и само на голманите.

Во строгиот правилник на Професионалната фудбалска лига на Франција стои параграфот 576 кој вели:

„Играчи кои ќе играат во првиот тим, ќе добијат број на почеток на сезона за целата сезона. Списокот на играчи во прв тим не може да биде поголем од 30 имиња, затоа редот на броеви е 1-30. Бројките 1, 16 и 30 се резервирани само за голманите.

Во краен случај голман може да добие и број 40 доколку е неопходно. Ако клубот ојбасни дека му е неопходно да има повеќе од 30 фудбалери под професионален договор, тогаш специјалната комисија може да направи исклучок за броевите на дресот“.

Поради ова правило Џанлуиџи Донарума, одличниот голман кој летово од Милан се пресели во ПСЖ не можеше да го земе омилениот број 99 кој го носеше во Италија, па го одбрал бројот 50 (зошто сите други броеви за голмани биле зафатени).

До доаѓањето на Меси во Париз, бројот 30 му припаѓал на резервниот голман Александар Летеље кој не запишал ниту еден официјален настап за клубот. Летеље во ПСЖ дошол во 2020-та година од клубот Орлеан (Лига 2) иако е дете од школата на ПСЖ.

Летеље има статус на четврти голман после Навас, Донарума и Серхио Рико.

ПСЖ ја убедил и француската Лига 1 да направи исклучок за Меси (Летеље не бил против), а јасно е дека цела Франција особено фудбалското првенство се на добит и на голем ќар од доаѓањето на најдобриот фудбалер на светот па правилникот брзо се испеглал.

Во Париз првпат „слета вонземјанин“, пишуваат француските медиуми, па на такво нешто може и да се замижи кога се работи за правилник за бројки на дресот.