ДУИ „позелене“

ДУИ станува зелена партија, а приоритет во дејствување во наредниот период ќе им биде чиста животна средина. Со таква изјава за јавноста се обрати денес лидерот на партијата Али Ахмети на настанот организиран на Школка во Градскиот парк во Скопје, по повод 19. роденден на партијата.

Како што кажа Ахмети чистиот воздух и животната средина се она што денеска го бараат граѓаните и затоа сега откако ги исполните сите ветување ќе се фокусираат на решавање на овие проблеми.

„По Рамковниот договор дојде време да се фокусираме на квалитетот на животот, условите за секојдневно живеење, развојот, квалитетно образование и здравство, неселективна правда, дигитализација, социјални политики, инфраструктура, економија и животна средина. Денеска ДУИ ја прегрнува целосно новата еколошка, зелена агенда“, рече Ахмети во говорот.

Според него, загадувањето на животната средина е загрозување на безбедноста на граѓаните и затоа ќе работат „да станеме регионални и европски лидери во зелената еколошка политика“.

„Европската политика значи внимавање на чистиот воздух. Да внимаваме на тоа без оглед на етнички, партиски, социјални и други разлики, бидејќи дишеме ист воздух, живееме во ист простор. Ние како ДУИ ќе бидеме столб на ваквата идна политика”, рече Ахмети.