Блиска средба на индиската полиција со изолираните домородци од Северен Сентинел


Кој ќе тепа на Ел Класико!? ↓↓↓


Индиските полициски органи објавија дека завчера се приближиле на оддалеченост од само 400 метри од островот Северен Сентинел и од безбедна далечина се меркале со припадниците на домородното население кое изолирано живее на овој остров и пред неколку дена го уби американскиот мисионер Џон Ален Чау.

Полицајците со двогледи виделе маж вооружен со лак и стрели, оружјето со кое, според достапните информации, бил убиен Џон Ален Чау, мисионерот кој се истоварил на островот со намера да го запознае племето со христијанството.

„Тие нѐ гледаа нас и ние ги гледавме нив“, кажа регионалниот шеф на полицијата Депендра Патак за Франс прес. Полицискиот брод веднаш се повлекол со што била избегната шанса за конфликт.

Полицјата утврдила дека изолираното племе вообичаено го убива секого кој ќе дојде на островот.

„Проучуваме случај од 2006 кога убиле двајца рибари. Ги прашавме антрополозите што прават кога ќе убијат аутсајдер. Се обидуваме да ја разбереме нивната групна психологија“, изјави шефот на полицијата.

Локален рибар го превезол минатата недела Џон Ален Чау на Северен Сентинел, еден од Андамантските острови во Бенгалскиот Залив и така му овозможил пристап до областа каде што се наоѓа заштитеното племе.

Според описот на рибарот, припадниците на племето го убиле Џон Ален Чау со стрели и го оставиле неговото тело на плажа.

Локалните медиуми објавија дека Ален Чау бил мисионер и дека сакал на домородците на островот Сентинел да им го пропведа христијанството.

Индиските закони строго забрануваат каков било контакт со припадниците на тоа племе кое нема контакт со цивилизацијата, а се проценува дека племето има од 50 до 150 домородци.

„Полицијата смета дека Чау, со помош на локални рибари, веќе четири или пет пати досега го посетил островот“, вели Субир Баумик, новинар на Би-би-си. „Во племето има толку малку домородци што не знаат ни да користат пари. Законот забранува каков било контакт со нив“.

Полицијата уапсила седум рибари поради помагање на американскиот мисионер да дојде до островот и племето.

Индиските власти во 2017 година донесоа закон со кој се одредува казна затвор до три години за секаков обид за снимање видео или фотографирање на племето.

Припадниците на племето на островот Северен Сентинел се сметаат за најопасните домородци на светот. Тие се едни од првите луѓе кои одамна, пред 60.000 години, успеале да ја напуштат Африка и да ги населат Андаманските Острови.