Bentley, BMW, Toyota, Aston Martin, Jaguar – кој ќе биде „бондмобил“ на 007 во најновиот филм?


Уствари викендов е затишје пред бура! ↓↓↓


2019 година е временскиот термин кога е закажан почетокот на снимањето на дваесет и петтото продолжение од филмската франшиза со тајниот агент 007. Во тој контекст, веб страницата Motor1.com состави листа од 5 можни кандидати за новиот автомобил на Џејмс Бонд.

Bentley Continental GT

Во времето кога Џејмс Бонд беше попознат како лик од книга отколку како филмски јунак, британскиот таен агент возеше Bentley. Така, во романот „Казино Ројал“ од 1953 година, Бонд вози „Blower” Bentley од 1931 година. Подоцна Bentley беше заменет со Aston Martin DB3 –во книгата „Goldfinger“ – па кога се снимал истоимениот филм, Aston Martin веќе го имал претставено моделот DB5, кој благодарение на појавувањето на големото платно влезе во легендите.

Во пресрет на јубилејниот 25-ти филм за Џејмс Бонд, продуцентите би можеле да се вратат на корените и да го седнат Крег зад воланот на Bentley Continental GT.

BMW Z4/Toyota Supra

Иако на прв поглед немаат ништо заедничко со ликот на британскиот таен агент, овие два автомобилски бренда веќе се имаат појавено во филмови за Џејмс Бонд.

Новиот Supra би можел да го наследи Toyota 2000GT кој беше користен во „You Only Live Twice“ од 1967.

Во поглед на BMW, тоа беше бондмобилот на Пирс Броснан – се сеќаваме на моделите Z3 и Z8, како и 750iL, па новиот BMW Z4 би можело пак да ја преземе улогата.

Toyota Supra и BMW Z4 од најовата генерација се развиени со заеднички сили и соработка на јапонскиот и германскиот производител на автомобили.

Aston Martin DB10

Иако е малку веројатно, не е невозможно DB10 да ја повтори неговата улога од „Spectre“.

Aston Martin Vantage

Сепак, ако Даниел Крег повторно вози Aston Martin, поголема е веројатноста тоа да биде новиот Vantage, направен по основите на филмскиот DB10.

Aston Martin Vantage има погон од 4.0-литарски твин турбо V8 мотор од работилницата на AMG што дава снага од 510 коњски сили, а максималниот вртежен момент изнесува 685 Nm. Според фабричките податоци, Vantage забрзува од 0 до 100 км/ч за 3,6 секунди, а максималната брзина му е 313 км/ч.

Jaguar I-Pace

Компанијата Jaguar Land Rover е долгогодишен партнер на франшизата Џејмс Бонд, но нејзините модели не беа бирани за улогата на главната автомобилска ѕвезда, туку добиваа споредни улоги или избор на возило за негативците.

Кога веќе си поигруваме со нарушување на традицијата, електричниот Jaguar I-Pace би можело да биде вистинскиот избор за нов бондмобил во време кога светот се врти кон автомобили на струја кои се многу популарни.